Утрински Весник
Култура

Иван Антоновски е добитник на наградата „Антево слово“

Иван Антоновски е добитник на наградата „Антево слово“

Годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово”, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ е Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“.

Жири комисијата на „Антево слово“ 2020/ 2021 година – Сицилија, Италија во состав: Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела за првонаградената песна „Нека биде запишано“ во образложението ќе кажат:

„Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите, откривајки ги првите поетски објави кај нашите монаси во средновекоивието, тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс „Антево слово“ насловена „Нека биде запишано“ се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот. Таквото истражување на епитафите и јазикот на претците кој полека бледнее и му се губи трагата ја симболизира нашата генеза, но истовремено и напуштањето на домашното огниште и исчезнувањето на традиционалните вредности.

Песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе познатата и надалеку обработувана тема, автобиографскиот носечки столб. Автентична по епското препуштање во минатото/меморијата на народот, тој говори за една новоконструирана историја во која се проткајува духот на Анте, роднокрајниот амбиент, а паузите во текстот прават ентрописко пробивање, па книжевниот шум дополнително ја засилува емоцијата на присутност и на она што го имало, но веќе е исчезнато. Со прифатлив, колоквијален говор тој ја доближува комуникацијата со претците, тежината на оттуѓувањето, на заминувањето, проникнува во сагата на нашиот народ и алармира за можната судбина. Тој е толкувач и предвесник во оваа песна, неговиот наратив кореспондира со актуелниот момент, асоцира на херојски акт што сака да забележи универзален чин на посветеност. Колективната меморија на македонскиот народ е збогатена со антологиска песна која е своевиден темел на нашата борба за опстанок овде и во светот.

Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.

Текстот Иван Антоновски е добитник на наградата „Антево слово“ е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“