Високата службеничка на Европската агенција за лекови (ЕМА), Криста Виртумер-Хохе, апелираше до членките на Европската Унија да не го одобрат користењето на руската вакцина „спутник В“ за итна употреба, сè додека агенцијата не ги испита целосно нивната безбедност и ефикасност, објави „Гардијан“.
„Потребна ни е документација врз основа на која би направиле процена. Во моментов немаме податоци за вакцинирани лица, тоа е непознато. Затоа би апелирала до земјите од ЕУ да не ја одобруваат вакцината „спутник В“ за итна употреба“, рече Виртумер-Хох за австриската телевизија ОРФ.
Таа не исклучи дека постои можност „спутник“ да се појави во понудата за вакцинација во земјите на ЕУ.
„Пред тоа, потребно е да се направи експертиза, што ја започна ЕМА. Податоците што доаѓаат од рускиот производител ќе бидат прегледани според европските стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност. Ако сè оди добро, вакцината ќе биде одобрена“, додаде Виртумер-Хохе.
„Спутник В“ веќе е одобрен или е близу до одобрување во три земји на ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка – а официјални претставници на Европската Унија изјавија дека Брисел би можел да започне преговори со производителот на вакцини доколку тоа го побараат најмалку четири земји.
ЕМА ќе ја разгледа и употребата на американската вакцина на „Џонсонн и Џонсон“, а посебен состанок во врска со одобрувањето на оваа вакцина ќе се одржи на 11 март.
„Очекуваме позитивна процена и дека Европската комисија многу брзо ќе ја одобри употребата на вакцината“, додаде висок претставник на Европската агенција за лекови.