Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Здружението на бизнис жени и Федерацијата на фармери покренуваат иницијатива за формирање на посебен фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво, со барање да се изготват родово поделени статистики за проблемите од кризата и да се креираат мерки за заздравување на женското претприемништво. На жените им е потребна поголема поддршка преку пристапот до финансии и фондови, до информации, до знаење и стекнување на нови вештини, но и поддршка за ускладување на работните и семејните обврски, соопштија од ССКМ.
Според Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени, во услови на пандемија, женското претприемништво претрпе сериозни последици, поддршката е недоволна и често недостапна за претпријатијата што се во сопственост на жените.
„Деловната активност на жените е најчесто во микро и мал сегмент кој се покажа какоа особено ранлив во услови на пандемијата. Дел не можеа да ги искористат мерките, бидејќи немаат знаење, ни можности да се посветат на апликациите, додека дел не можеа да ги исполнат критериумите поради намален број на вработени. Товарот на згрижување на семејството, учење од дома и работа од дома, најчесто паѓа на жените-претприемачи кои водат микро и мали претпријатија“, вели Дисоска.
Според Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини, како социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, ограничени пристапи и понуда на образование, станаа многу видливи за време на пандемијата. Повеќе од 21 отсто од жените велат дека имаат намален обем на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот, околу 64 отсто не се активни на пазарот на трудот поради ангажирање дома и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.
„Бараме реализација на мерката 115 од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој која не е реализирана од 2019 година, односно сѐ уште не се објавени резултатите од апликациите за 100 руралните жени за грантови во земјоделското стопанство “, истакна Мојсовска.
Габриела Кулебанова, потпретседател на ССК истакна дека жените имаат потреба од ефективна поддршка сега повеќе од кога и да било.
„Тие имаат голема потреба за подобри можности за обука, финансиска поддршка и помош при планирање и реструктуирање на деловните активности. По примерот на многу други земји, бараме и кај нас да се формира посебен фонд за поддршка на женското претприемништво, кое е значително погодено од ковид кризата, и креирање нат специфични мерки за заздравување на претпријатијата“, посочи Кулабанова.