Утрински Весник
Македонија

Кривична пријава за фрлање на градежен шут во Охридското езеро

Кривична пријава за фрлање на градежен шут во Охридското езеро

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во рамките на инспекциска постапка утврдил дека на потегот меѓу Хотел Далјан и Домот за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри, на брегот од Охридското езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.

Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава.

Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднел и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба.

„Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошкиoт завод од Охрид дека нелегалното насипување на земја и шут на брегот од езеротo во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем, очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето“, соопшти ДИЖС.

До надлежното Јавно обвинителство Охрид, како што посочија, е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег