Утрински Весник
Македонија

Осуда за нападите врз новинарите на протестот за „Монструм“

Осуда за нападите врз новинарите на протестот за „Монструм“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) најостро го осудува нападот и попречувањето на работата на новинарите за време на вчерашниот протест против пресудата за случајот „Монструм“, откако физички беше нападната екипата на МИА и новинар на дневниот весник Слободен печат.

Група демонстранти се обиделе да им ја одземат опремата на медиумските работници од МИА. Снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.

Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

„Секој вид на напад на медиумските работници, без разлика дали е вербален или физички, како и секое попречување на нивната работа, претставува загрозување на слободата и правото на информирање и се апсолутно неприфатливи“, велат од АВМУ.

Агенцијата апелира на медиумските работници да им се овозможи слободен, непречен и безбеден пристап до сите настани, особено до оние од јавен интерес.

Осуда за нападот стигна вчера и од здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Порачаа дека ваквиот однос кон новинарите потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволиво во демократски земји.

Нападнатите медиумски работници се извлекле без посериозни повреди.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег