Утрински Весник
Македонија

Центарот за пилотска обука се вмрежува со 30 центри на НАТО во Европа

Центарот за пилотска обука се вмрежува со 30 центри на НАТО во Европа

Центарот за обука на пилоти станува дел од НАТО мрежа од повеќе од 30 центри за летачка обука во Европа. Белгија е најновиот сојузник кој се приклучи на иницијативата НАТО летачка обука во Европа (НФТЕ), што во јуни лани ја покренаа единаесет сојузници – македонската министерка и нејзините колеги од Бугарија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Црна Гора, Португалија, Романија, Шпанија и Турција.

„Оваа иницијатива ќе ги зајакне европските пилотски и капацитети за обука и ќе ја намали зависноста на НАТО од американските капацитети за тренинг, со што ќе придонесе и за подоброа поделба на обврските“, рече заменик-генералниот секретар на Алијансата Мирчеа Јоана.

Целта на НФТЕ е да обезбеди доволни капацитети за врвна пилотска обука во Европа, вмрежувајќи повеќе од 30 национални и мултинационални центри за основна, средна и напредна обука на пилоти на хеликоптери, борбени и транспортни авиони и за персонал за далечинско управување на беспилотни летала.

„Ова е висок приоритет, имајќи предвид дека за голем број помали европски сојузници националните потреби не оправдуваат постоење на национални тренинг центри. Како резултат на тоа, сојузниците често праќаат пилоти на обука во САД, што претставува дополнителен товар на американските капацитети“, објаснуваат од седиштето на НАТО.

„Нашиот Центар за обука на пилоти ќе влезе во семејството на НАТО летачката обука во Европа. Освен Северна Македонија, во иницијативата за оваа школа се и Хрватска, Грција, Чешка, Бугарија, Унгарија, Црна Гора, Турција, Португалија, Романија и Шпанија, а од денес ни се придружи и Кралството Белгија за што деновиве ставивме потпис сите министри за одбрана на овие земји. Заедништвото ги јакне можностите!“, објави министерката Радмила Шекеринска, која минатата година најави инвестиции во воздухопловството.

Хеликооптери Бел-296 на Центарот за обука; Фото: АРМ

Центарот за обука на пилоти беше отворен во 2011 година со договор на Министерството за одбрана и израелската фирма „Елбит“, вреден 43 милиони евра. Според договорот, министерството требаше на „Елбит“ да му плаќа по 5,3 милиони евра годишно во следните осум години, по што требаше да го преземе Центарот со целокупната инфраструктура, летала и симулатори.

Симулатори за хеликоптери Ми-8/17 и Ми-24 на Центарот за обука на пилоти; Фото: АРМ

На последниот ден од минатата година се изврши официјално примопредавање меѓу Генералштабот на АРМ и фирмата ЕЛМАК-Елбит системи, со што Центарот стана дел од АРМ, односно Сквадрон за обука и тренажа во воздухопловниот ВИНГ (Воздухопловна извидувачко-напаѓачка група, н.з.).

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал