Утрински Весник
Свет

Животниот век во САД се намали првпат од Втората светска војна

Животниот век во САД се намали првпат од Втората светска војна

Ефектот од Ковид-19 во првите шест месеци од 2020 година скрати една година од очекуваниот животен век на Американците, покажуваат податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ), што е најголем пад од Втората светска војна, пренесува РТ.

Од јануари до јуни минатата година очекуваниот животен век на вкупното население во САД бил 77,8 години, што е пад од 78,8.

Податоците на ЦДЦ покажаа пад кај мажите од 76,3 години на 75,1 години, а и жените може да очекуваат да живеат речиси една година помалку или во просек 80,5 години наместо 81,4 година.

Малцинствата се најтешко погодени, па очекуваниот животен век кај Афроамериканците е намален од 74,7 на 72 години, а кај Латиноамериканците падна за речиси две години (од 81,8 година на 79,9). Агенцијата ги споредила првите шест месеци од 2020 година со целата 2019 година.

„Ова е огромен пад. Треба да се вратиш во Втората светска војна, 40-тите години на минатиот век, за да најдеш ваков пад“, рече Роберт Андерсон од ЦДЦ.

Здравствените статистичари веќе знаеја дека 2020 година е најлошата година според смртни случаи во историјата на САД, со повеќе од три милиони починати – од кои Ковид-19 усмрти речиси половина милион – но новите податоци го покажуваат влијанието на вирусот врз смртните случаи од други состојби, како срцеви заболувања и рак.

„Она што е навистина впечатливо во овие бројки е тоа што тие ја одразуваат само првата половина на годината. Би очекувал дека овие бројки само ќе се влошат“, рече д-р Кирстен Бибинс-Доминго од Универзитетот во Калифорнија.

Ова е прв пат ЦДЦ да објави информации за очекуваниот животен век засновани на шестмесечни податоци.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Нетанјаху: Одлуката на Трамп за нападот врз Иран ќе ја промени историјата

Трамп изјави дека САД нападнале три ирански нуклеарни постројки и дека „целосно ги уништиле“

Билд: Германската влада ќе обезбеди средства за дополнителни 10.000 војници до крајот на годината