Започнува реализација на петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните. Овој нов, петти пакет економски мерки содржи 29 мерки во вредност од 160 милиони евра.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов истакна дека една од целите е да дојдеме до познатите стапки на економски раст меѓу 4 и 5 проценти, каков што прочем имавме пред пандемијата на коронавирусот.
„Мерките се донесени низ инклузивен пристап и во партнерство со сите засегнати страни, а кај повеќето од мерките предвидено е поддршката да трае до крајот на 2021 година, со цел да имаат поголемо влијание врз економијата низ целата година“, рече Костадинов.
Тој појасни дека мерките се распределени во 4 главни столбови и тоа:
Директна финансиска поддршка за компаниите за да се задржат работните места во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани.
Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор преку бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници.
Креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на пара-фискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки
И четвртиот столб – директно поддршка за граѓаните.
И овој пакет мерки, исто како претходните четири има за цел да спаси што повеќе работни места, но истовремено и да ја раздвижи економијата, да биде подинамична и поконкурентна, рече Костадинов.