Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека во рамките на активностите на партијата денеска ќе посети неколку стопански објекти во атарот на општините Чаир и Бутел.
„ Ќе разговараме со голем број стопанственици од кои што практично сакаме да добие навигација и информација во која насока се движи економијата во државата, какви се условите за водењето на бизнис и дали сета онаа перцепција и сите оние информации со кои што располагаме а кои што ги добиваме од други бизнисмени и претприемачи од другите градови и од другите стопански субјекти се вистинити, дека практично економијата оди во надолна линија, дека луѓето се без помошни, оние пакет мерки кои што владата ги предвиде не се доволни за да ги покријат загубите во нивното работење. Имајќи во предвид дека повеќе од 50.000 наши сограѓани останаа без работа, односно бројот на лица кои што се ново невработени е поголем од 50.000, понатаму повеќе од 6.000 субјекти изминатиот период згаснаа односно престанаа да постојат“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека сака да разговара и со претприемачите во општините Чаир и Бутел, да ги види какви се нивните информации и чувства во врска со економската ситуација во државата.
„ Од најмалите би рекол од оние кои што имаат и помали продавници со кои што стопанисуваат, па до средни, па до оние малку поголемите работодавачи. Така да продолжуваме со активностите, денеска, утре, деновите кои што следат се до локалните избори. Многу е важно да добиеме правилна информација за да можеме и таква практично програма да направиме, а зошто да не тоа да биде идната владина програма на некое ново владино мнозинство“ истакна Мицкоски.