Утрински Весник
Свет

Меркел и Макрон: Светот ќе биде поинаков по пандемијата на коронавирусoт

Меркел и Макрон: Светот ќе биде поинаков по пандемијата на коронавирусoт

Пандемијата на коронавирус дава шанса за нов поредок во светската политика, сметаат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како и други светски политичари.

„Светот ќе биде поинаков по пандемијата“, потенцираа Меркел и Макрон во текстот за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ).

Актуелната криза, според нив, дава можност да се врати консензусот за меѓународниот поредок преку ефективна соработка, солидарност и координација, како што додаваат, поредок што ќе се потпира на мултилатерализам и владеење на правото.

Покрај Меркел и Макрон, текстот го потпишаа и претседателот на Сенегал, Маки Сал, како и генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел.

„Кризата со Ковид-19 е најголемиот тест за светска солидарност“, подвлекуваат тие, додавајќи дека и само едно место во светот да е под влијание на овој вирус, сите луѓе и економии ширум светот се загрозени.

Од тоа, посочуваат тие, потребно е да се извлечат поуки за идните кризи.

– Наместо да ги користиме културата и вредностите едни против други, ние мора да градиме на повеќе интегративен мултилатерализам. Притоа, ние мора да обрнеме внимание на сите наши разлики, како и на нашите заеднички вредности кои се дел од Конвенцијата за човекови права – подвлечуваат светските претставници.

 

Тие посочуваат дека не е само пандемија која бара силен и меѓународно координиран одговор, наведувајќи ги натамошните предизвици како глад, екстремна сиромаштија, болести, економски шокови, конфликти и климатски промени како примери.

Тие повикаа на посилно залагање за демократија, образование и еднаквост, како и против национализмот и протекционизмот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Милановиќ во ООН повика на признавање на палестинската држава

Над 60 полицајци повредени во вчерашните протести во Италија

Бил Гејтс донира над 900 милиони долари за борба против СИДА, маларија и туберкулоза