Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека сите Французи кои сакаат да се вакцинираат ќе ја добијат таа можност до крајот на летото оваа година.
Во интервју за ТФ-1, Макрон предупреди дека фармацевтските компании веќе треба да се подготвуваат за вакцините што ќе бидат потребни следната зима и следната година, затоа што вирусот брзо мутира и најави скорешен почеток на производство на вакцини во Франција, известува „Ројтерс“.
„Мора да мислиме и за земјите во развој, бидејќи ако и таму не се вакцинираат граѓани, вирусот ќе продолжи да циркулира, мутира и да се враќа кај нас“, рече Макрон и потврди дека 27 земји членки на ЕУ нарачале околу 2,7 милијарди дози вакцина.
Францускиот претседател рече дека француската научна делегација што неодамна ја испратил во Русија имала позитивна размена, како и дека извештаите покажуваат дека вакцината „спутник В“ обезбедува ефикасна заштита од Ковид-19.