Ракот на дојка го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на рак во светот, објави Светската здравствена организација
„ Ракот на дојка сега е за првпат најчестиот карцином во светот“, рече Андре Илбави, специјалист за карцином при СЗО на брифингот на ООН пред Светскиот ден за борба против ракот, во четврток.
Ракот на белите дробови беше најчеста форма на рак во последните две децении, но сега е на второто место, зад ракот на дојка и пред ракот на дебелото црево, посочи Илбави.
Се проценува дека минатата година биле дијагностицирани 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка, што е 11,7 проценти од сите случаи на рак во светот.
„ Меѓу жените, ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак во светот“, додава тој.
Илбави истакна дека дебелината кај жените го зголемува ризикот од карцином на дојка, но исто така и за вкупниот број случаи на рак.
Со растот на глобалното население и очекуваното зголемување на животниот век, карциномите се очекува да станат почести и до 2040 година да пораснат на околу 30 милиони нови случаи во споредба со 19,3 милиони во 2020 година, додаде Илбави.
СЗО предупреди дека една третина од смртните случаи од рак се резултат на пушење, висок индекс на телесна маса, премалку внесување овошје и зеленчук, недостаток на физичка активност и пиење алкохол.
Пандемијата на коронавирусот го нарушува лекувањето на рак во околу половина од земјите опфатени со студијата, предупреди Илбави, посочувајќи на одложените дијагнози, здравствените работници под екстремен стрес и влијанието на коронавирусот врз истражувањето на ракот.