Пописот е многу важна статистичка операција за планирање на натамошниот развој на земјата, економски пред се, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Како што рече тој, после цели 20 години на институциите им требаат вистински, реални информации за состојбата и потребите на населението.
„Ние за тоа да зборуваме и работиме, за попис од којшто зависи квалитетот и ефикасноста на сите понатамошни политики – економски, образовни, здравствени, културни, социјални… Пописот е важен за врз основа на сите собрани податоци да се креираат долгорочни економски политики за развој, за стопанството, за подобри услови за живот на сите наши граѓани“, посочи партискиот портпарол.
Костадинов рече и дека со саботажите на пописот се потврдило дека Христијан Мицкоски е само послушник на насоките на Никола Груевски.
„Целиот наш народ виде, се потврди, зад блокадите, бојкотот и саботажите на пописот како статистичка операција стои побегнатиот криминалец во Будимпешта, Никола Груевски“, нагласи портпаролот на владејачката партија, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со Груевски и Мицкосвски е против напредокот на земјата.
Според него, државата им независни државни институции и сега пописот е во рацете на професионалци кои ќе го спроведат согласно меѓународните стандарди.