Утрински Весник
Свет

(Видео) Тајната палата на Путин обезбедена од копно, вода и воздух

(Видео) Тајната палата на Путин обезбедена од копно, вода и воздух

Дури и од притвор, опозиционерот Алексеј Навални е „трн во окото“ на рускиот претседател Владимир Путин.

Неодамна, неговиот тим ги објави резултатите од големата истрага што се однесуваше на богатството на Путин и и` овозможи на јавноста за првпат да ѕирне во палатата на Путин на Црното Море. Документарецот, објавен заедно со истражувањето, го погледнале 22 милиони луѓе за еден ден.

Истрагата содржи обвинувања за неконтролирана корупциска шема поврзана со, како што велат, имотот на Путин од 1,4 милијарди долари. Руските власти сето тоа го негираат.

„ Тоа е повторување на една стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година, за првпат се појави приказната за таканаречената палата на Путин во Геленџик. Тоа не е точно. Нема палата, тој не поседува никаква палата” изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, пренесува Си-Ен-Ен.

Приказната за овој имот првпат се појави пред десетина години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повика тогашниот претседател Дмитриј Медведев да престане со корупцијата што ја финансира изградбата на палатата.

Извештајот и двочасовниот документарец објавен од Антикорупциската институција (ФБК) на Навални нудат широк увид во палатата. ФБК тврди дека добиле детални цртежи на зградата од подизведувачите, како и список на купениот мебел и фотографии од примероците на подовите. Со помош на собрани документи и фотографии, тие изградија 3Д-модел на ентериерот.

„ Ова е како држава во држава со која управува вечен император“, рече Навални во документарниот филм. „ Направена е така што никој не може да пристапи до неа од копно, море или воздух. Илјадници луѓе кои работат во палатата имаат забрана да донесат дури и едноставен телефон со камера, но ние ќе ѕирнеме внатре“ вели Навални.

Истрагата на Навални тврди дека имотот има површина 39 пати поголема од областа на Монако, пишува Би-Би-Си.

Според плановите, самиот замок има 17.691 квадратни метри, и се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, два базени, пекара и „валкани простории“ од непозната намена. Собите имаат мермерни подови и столбови, а ѕидовите се раскошно украсени, направени по кралските палати во Санкт Петербург. Тие се опремени со кадифе и богати теписи.

Посебен дел од извештајот е посветен на описите на неверојатно скапиот мебел направен по нарачка на луксузна италијанска марка. Меѓу споменатиот мебел се наоѓа маса во вредност од 56 илјади долари и тросед во вредност од 27 илјади долари.

Просторијата што ја нарекоа „најконтроверзна просторија во палатата на Путин“ е салон за наргиле со нешто што потсетува на „шипка за танц“.

Тимот на Навални тврди дека трошоците за изградба на палатата се искачија заради непрекинатите реновирања. Веднаш на почетокот имаше проблеми со вентилација и висока влажност, поради што беа оштетени многу делови од луксузниот ентериер на театарот и стаклена градина од 2.500 квадратни метри.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме