Порастот на бројот на лицата кои работат од дома како резултат на пандемијата од ковид-19 ги истакна лошите работни услови со кои тие се соочуваат. Нивниот број пред ковид кризата изнесуваше околу 260 милиони луѓе ширум светот, што претставува 7,9 проценти од глобалната вработеност, а 56 проценти од нив (147 милиони биле жени). Во првите месеци од 2020 од ковид пандемијата, се проценува дека еден на секои пет вработени, работел од дома, покажува Извештајот на Меѓународната организација на трудот (МОТ), „Работење од дома. Од невидливост до достоинствена работа“.
„Потребна е подобра заштита на оние кои работат од дома, а чиј број значително се зголеми поради ширењето на пандемијата. Работата од дома се одвива во приватноста на домот и затоа често пати е „невидлива“, на пример, во земји со низок и среден приход, речиси сите кои работат од дома (90 проценти) работат неформално. Тие во просек заработуваат за 13 проценти помалку од другите вработени во Обединетото Кралство, за 22 проценти помалку во САД, за 25 проценти помалку во Јужна Африка и за околу 50 проценти помалку во Аргентина, Индија и Мексико. Имаат помали можности за пристап до обуки, што тоа може да влијае на нивните можности за кариерен напредок, а немаат ниту исто ниво на социјална заштита“, стои во Извештајот.
Се додава дека само 10 земји-членки на МОТ ја имаат ратификувано Конвенцијата бр. 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата, а само неколку земји имаат сеопфатна политика за работење од дома.
МОТ препорачува за индустриските работници кои работат од дома да се олесни нивниот премин во формална економија со проширување на правната заштита, генерализирање на договорите во писмена форма, обезбедување пристап до социјална заштита и да се подигне свеста за нивните права.
За работниците на дигитални платформи, МОТ препорачува користење на податоци генерирани од нивната работа за следење на работните услови и алатките, со цел утврдување на фер плата. За оние кои работат од далечина, Извештајот ги повикува креаторите на политики да воспостават конкретни активности за олеснување на психолошките и на социјалните ризици и воведување на „правото на исклучување“, со цел да се обезбеди почитување на границата меѓу приватниот и деловниот живот.