Утрински Весник
Свет

Ирак бара апсење на Доналд Трамп поради убиството на Ал-Мухандис

Ирак бара апсење на Доналд Трамп поради убиството на Ал-Мухандис

Ирачки суд вчера издаде налог за апсење на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, под обвинение за убиство на заменик-шефот на ирачките Хашд ал-Шааби или Сили за народна мобилизација (ПМФ), Абу-Махди ал-Мухандис, и на уште 11 други лица, пренесува „Мидл Ист монитор“.

Ал-Мухандис беше убиен пред една година заедно со командантот на иранските сили Кудс, Касем Солејмани, и десет нивни придружници во напад на американско беспилотно летало во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, наводно по наредба на Трамп.

Врховниот судски совет на Ирак во изјавата рече дека имал задача да го испита атентатот и го издал налогот откога судијата ги запишал изјавите на тужителите од семејството на Ал-Мухандис. Налогот за апсење е за убиство со умисла, дело за кое се предвидува смртна казна.

Коментирајќи ја одлуката на судот, ирачкиот правен експерт Тарик Харб рече дека потерницата е симболична и веројатно нема да биде спроведена бидејќи поранешните шефови на држави уживаат имунитет дури и по напуштањето на функцијата.

Во вторникот портпаролот на иранското правосудство, Голамхосеин Есмаили, објави дека Техеран повторно побарал Интерпол да издаде црвен налог за апсење на Трамп за убиството на Солејмани.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Експлозија во рафинерија за нафта во Турција

Лами: Британија не испраќа војници во Украина

Осумгодишно девојче и нејзиниот татко се тешко ранети во престрелка во Лондон