Дали на невакцинираните лица да им биде забранет влез во кино или ресторани? Во Германија се одвива дебата за можни привилегии и забрани, што покренува голем број прашања, пишува „Дојче веле“.
Во германските медиуми и во редовите на германските политичари во моментов се слуша гласна критика за политиката на мерки за контрола на пандемијата.
„Германија минатата пролет беше еден вид шампион во борбата против пандемијата“, изјавил политичарот од редовите на Зелените и член на здравствената комисија на Бундестагот, Јанош Дамен, за ДВ, додавајќи дека предноста е изгубена, а земјата сега заостанува.
Во моментов, критиките се насочени кон несоодветниот почеток на масовната вакцинација. На некои места, како што е Берлин, има многу помалку дози на вакцини отколку што првично било ветено. Не е јасно ниту кога точно ќе бидат вакцинирани сите кои сакаат да го направат тоа.
Во исто време, постои дебата за тоа какви ќе бидат последниците во иднина. Каков ќе биде односот кон луѓето кои се имунизирани со вакцината? Дали ќе живеат понормално од оние кои сè уште не се вакцинирани?
Постојаната комисија за вакцинација при германското Министерство за здравство дава препораки за вакцинација низ цела Германија, кои се прифатени како стандард. Претседателот на Комисијата, Томас Мертенс за ДВ изјавил дека привилегиите на вакцинираните лица треба да бидат предмет на јавна расправа, додавајќи дека тој лично верува оти вакви привилегии би можеле да се замислат во приватните сфери доколку вакцината е достапна за секого – на пример во ресторани, кина, на концерти и при авионски патувања. Тој додава: „Не треба да постојат привилегии за области поврзани со основните области како во болниците, градските собранија и јавниот превоз“.
Дел од германската влада и некои членови на Бундестагот имаат различно мислење. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер не сака привилегии за вакцинираните. Некои пратеници дури и се залагаат за законска забрана. Јоханес Фехнер, социјалдемократски правен експерт во Бундестагот, за весникот „Велт“ изјавил: „Парламентарната комисија на германските социјалдемократи ги разгледува законските мерки со кои би се исклучило приватниот сектор нееднакво да ги третира вакцинираните и невакцинираните лица“.
Дури и во првиот бран на пандемијата, германското Министерството за здравство зборуваше за таканаречена картичка за имунитет. Ова не беше добро прифатено од јавноста. Министерот за здравство Јенс Шпан одлучи да го свика Советот за етика на кој било предвидено да се соберат 24 врвни научници. Резултатот беше објавен во септември и не беше експлицитен. Половина од членовите на Советот сметаат дека, откако ќе биде јасно колку долго некој е имун, можна е картичка за имунитет, во одредени случаи кои мора да бидат регулирани со закон. Другата половина ја отфрлила можноста за картичка со која ќе се докажува имунитетот на коронавирус, не само поради научна непотврденост, туку и од етички и практични причини. Притоа како пример било наведено дека со тоа постои можност на некои луѓе да им биде забранет пристап до образовни институции.
Претседателката на Советот за етика, Алена Бујкс, за ДВ изјавила дека верува оти привилегиите за вакцинираните лица не би биле целисходни во моментов, нарекувајќи ја целата дебата премногу жестока. На крајот, вели таа, земјата се соочува со строги мерки на затворање во услови на силен пандемиски бран, па затоа јавноста треба да се фокусира на тој заеднички проблем.