Утрински Весник
Македонија

Во Полог при крај е формирањето заедничко јавно претпријатие за управување на отпадот

Во Полог при крај е формирањето заедничко јавно претпријатие за управување на отпадот

При крај е процесот на основање на заедничкото јавно претпријатие (ЈПЕ) Русино за управување со отпадот во Полошкиот плански регион. Советите на општините во овој регион назначија членови на управниот одбор на ова претпријатие и првиот конститутивен состанок ќе се одржи денес, информираат од Центарот за развој на полошкиот плански регион.

„Новоназначените членови се очекува да го усвојат статутот на заедничкото јавно претпријатие и да назначат вршител на должноста директор. Понатаму ќе следува усвојување на деловник за работа на управниот одбор и правилник за систематизација заедно со објавување на јавен повик за директор на ЈПЕ и постапка за избор“, се наведува во нивното соопштение.

Процедурата за оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) за изградба на санитарната депонија Русино продолжува. За време на процесот на ОВЖС, јавноста ќе биде информирана за потенцијалните влијанија и ќе може да даде свое мислење.

Како и во останатите региони во земјава, и во Полошкиот плански регион постоеше отпор од изградбата на нова регионална депонија токму во општината каде што треба да се лоцира таа. Станува збор за Општина Гостивар и постојната депонија Русино. Од Центарот за развој на Полошкиот плански регион велат дека како резултат на интензивни консултации меѓу општините во Полошкиот плански регион и засегнатата поширока јавност, направена е измена и дополнување на Регионалниот план за управување со отпад (РПУО) заради вклучување на договорите постигнати во врска со мерките за затворање и грижа по престанок со работа на депонијата Русино.

Всушност, и во овој регион ќе се оди на избор на нова локација за изградба на санитарна депонија/регионален центар за управување со отпад како замена за Русино.

„Изменетиот РПУО е веќе одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање (11-4236 / 2, 04.11.2020) и наскоро ќе биде усвоен од Советите на секоја од општините во регионот“, велат од Центарот за развој на Полошкиот плански регион.

Инаку, консултациите меѓу општините во Полошкиот плански регион и граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ резултираа со подготовка на акционен план насочен кон непосредно подобрување на состојбата со животната средина во Русино и значајно намалување на непријатностите предизвикани од истата. Постигнато е меѓусебно разбирање помеѓу општините и „Стоп Русино“ за содржината на акциониот
план.

Како резултат на тоа, Советот на Полошкиот плански регион донесе одлука за прифаќање и спроведување на заемно прифатените активности, додека пак „Стоп Русино“ ќе ја отстрани нивната блокада на депонијата Русино. Паралелно, по заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање му наложи на Центарот за развој да продолжи без одлагање со спроведувањето на брзите мерки за подобрување на Русино.

Овие мерки значително ќе ги намалат влијанијата врз животната средина од нестандардната депонија Русино и ќе го запрат истекот на загадени води од локацијата кон Гостивар. Постапката за избор на изведувач за спроведување на брзите мерки за подобрување во Русино е во тек и се очекува наскоро да биде потпишан договор.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим