Интернационалниот филмски фестивал во Индија, поточно неговото 51. издание, кое ќе се одржи од 16 до 24 јануари 2021 година во Гоа, е местото каде што најновиот македонски дологметражен игран филм „Хомо“ ќе ја доживее својата меѓународна премиера.
Овој престижен фестивал, основан во 1952 година, е и најстариот интернационален фестивал во Азија кој низ годините се здоби со репутација на еден од најзначајните фестивали, не само на овој континент туку ширум светот.
Како платформа за врвните филмски достигнувања од најновата кинематографија, ИФФИ Гоа е еден од само неколкуте акредитирани натпреварувачки фестивали од страна на релевантната Федерација на асоцијации на филмски продуценти, во иста категорија со фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Локарно, Карлови Вари.
51. ИФФИ Гоа го селектираше „Хомо“ во главната програма „Светска панорама“, која прикажува селекција од најдобрата продукција од целиот свет.
„Што е тоа човек? Хомо прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов“, се вели во описот за македонскиот филм.
Во него играат: Александар Матовски – Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски во улогата на Виктор, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот д-р Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев во улогата на Поп Демјан и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.
„Хомо“ годинава ја доживеа националната премиера во рамките на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, а домашната публика до сега имаше можност да го гледа филмот во кината „Синеплекс“ и Градското кино „Милениум“ во Скопје, како и центрите на култура во Битола, Охрид, Струга и Штип.