Утрински Весник
Економија

Заев во Тетово: Ја намалуваме сивата економија којашто штети на државата

Заев во Тетово: Ја намалуваме сивата економија којашто штети на државата

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска во Тетово присуствуваа на отворањето на новиот објект на Државниот пазарен инспекторат.За потребите на ова подрачно одделение, Владата за Државниот пазарен инспекторат обезбеди на трајно користење работни простории од 430м2.

Премиерот Заев истакна дека објектот од 2003 година воопшто не е користен и за таа цел направена е реконструкцијата со средства од државата, односно 5 милиони денари од буџетот на Државниот пазарен инспекторат, како и со донација од странски и домашни јавни и приватни компании.

„Ги зајакнуваме капацитетите на вработените, обезбедувајќи им инфраструктура, професионално да ја извршуваат работата, со цел да придонесат во намалување на сивата економија за којашто Инспекторатот како орган е надлежен. Ова е еден од чекорите во создавање услови за ангажирана работа во борбата со сивата економија за која Владата силно се залага со сите релевантни чинители да ја сведе на минимум. Така, не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на реалното стопанство, на луѓето кои работат, намалување на митото и корупцијата, недозволена прекугранична трговија, како и заштита од употреба на небезбедни производи пуштени во промет на нелегален начин“, изјави Заев.

Министерот Бектеши истакна дека една од целите за подобрување бизнис климата во државата е токму намалувањето на сивата економија.

„Изминатите неколку години работевме интензивно во оваа насока на повеќе законски решенија. Клучната улога во намалувањето на сивата економија ја има Државниот пазарен инспекторат и во таа насока зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите на инспекторатот ќе придонесат за зголемување на контролата на терен. Од почетокот на пандемијата Државниот пазарен инспекторат беше соочен со големи предизвици. Одигра клучна улога во воведување ред и контрола кај трговските и угостителските објекти, пред сè во делот на заштита на населението од пренесување на корона вирусот. Уште од првиот ден на пандемијата донесовме уредби со кој се зајакна контролата во трговските и угостителските објекти за да се намали ширењето на вирусот. Тие уредби потоа преминаа во законски решенија со што се зголеми улогата на инспекторите и кај трговските објекти и кај угостителските објекти. Следната година е предвидено и зголемување на бројот на пазарни инспектори односно зајакнување на капацитетите на оваа институција“, изјави Бектеши.

Директорот Пауновски, се заблагодари на Владата за поддршката и рече дека сите работи се завршени за рекордно време.

„За 100 дена добивме просториите, реконструкција и сместување на вработените. Така 43-цата вработени кои досега своите работни обврски ги извршуваа во рамките на Општина Тетово во простории од 90м2, во новите простории во овој објект ќе имаат услови, современа информатичка опрема и пристојно место за обавување на секојдневните работни задачи“, изјави Пауновски и додаде дека продолжува посветената работа Државниот пазарен инспекторат да се модернизира во европска транспарентна институција.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk