Утрински Весник
Македонија

Истражување: Земјава е лидер во регионот според потрошувачката на цигари по пушач

Истражување: Земјава е лидер во регионот според потрошувачката на цигари по пушач

Република Северна Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленца на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач. Податоците на Аналитика покажуваат дека процентот на пушачите (преваленцата) во однос на вкупниот број на жители, во РСМ изнесува 48,4 отсто. За споредба, во европските земји, преваленцата на пушење е далеку пониска. Во ЕУ просекот изнесува 29 отсто, во Шведска е 8,7 отсто, а во Грција и во Бугарија е 27 отсто.

„Аналитика тинк-тенк“, заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго во изминатата години спроведе регионално истражување за употребата на тутунот во земјата и во регионот, а тоа е една од првите студии во Северна Македонија што дава сеопфатни информации за употребата на тутунот, соопштуваат од организација за истражување,  „Аналитика тинк-тенк“.

Според истражувањето, скоро половина од возрасните луѓе во РСМ (48,4 проценти) во моментов користат тутун. Преваленцата на пушење е 57,9 проценти кај мажите и 39 проценти кај жените. Застапеноста на пушачите се зголемува со возраста, достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 процент). Според Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика тинк-тенк“, нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари, по најниска цена, и многу малку се придонесува за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, зголемување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

„Просечната цена на кутија цигари во РСМ е 1,7 евра, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, додека европското ниво е 4,9 евра. Со покачување на цените на цигарите, преку зголемување на акцизите, државата ќе влијае на намалување на пушењето и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот кои понатаму би можело да се користат за здравствени цели за намалување на последиците од пушењето“, стои во анализата.

Освен тоа, податоците покажуваат дека скоро 90 отсто од пушачите на тутун за виткање, го купиле на отворен пазар, без бандерола или здравствено предупредување. И мажите и жените подеднакво купуваат нелегален тутун, при што повозрасните граѓани (65-74 години) и тие со понизок доход (под 200 евра) како и пушачите со понизок степен на образование, повеќе купуваат тутун за виткање, кој  претежно доаѓа од нелегален увоз, но и од нелегално протекување од домашни извори.

Регионалното истражување е во рамките на проектот „Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход, финансиски поддржан од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) – Институт за истражување и здравствена политика.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско