Утрински Весник
Македонија

Младите Елена, Ѕвезда и Лазе добија награда од Светска банка за апликацијата „Walkiie“ за помош на лицата со попреченост

Walkiie

Македонската апликaција „Walkiie“ е помеѓу седумте победници на натпреварот „IDEAS 4 ACTION “ (Идеи за акција) организиран од страна на Светска банка. Во конкуренција за наградите учествувале 4.000 кандидати од цел свет, а победниците беа прогласени врз база на оригиналноста на идејата и потенцијалот да влијаат врз општите политики.

Годишниот натпревар „IDEAS 4 ACTION“ претставува платформа за млади претприемачи која поттикнува иновативни идеи за решавање на најгорливите развојни предизвици во светот, објаснува во соопштението Светска банка.

Македонските победници се први победници на овој натпревар кои доаѓаат од европска земја. Апликацијата Walkiie која е една од победничктие идеи, претставува апликација која можат да ја користат лица со попреченост и волонтери што ќе поминуваат време со нив и ќе им го олеснуваат секојдневниот живот.

Дел од тимот на „Walkiie“ се лидерот Елена Божиновска, која студира маркетинг на универзитетот Американ Колеџ, Ѕвезда Иванова- студент на психологија на УКИМ, Лазе Димов и нивниот ментор Боро Петкоски. Секој од нив има своја задача и е одговорен за одреден аспект од развојот и промоцијата на апликацијата.

Нивната заедничка приказна започнала преку Центарот за младински активизам КРИК, каде се запознале за време на работилници за лица со и без попреченост, а откако сфатиле дека се добар тим, заедно се пријавиле и на предизвикот „Generation Unlimited“ при што во првиот круг биле еден од петте победници, а во финалето се закитиле со признанието почесен тим. Нивната двегодишна дружба и работа продолжила со раѓањето на идејата за апликацијата „Walkiie“, раскажуваат младите иноватори за „Мета“.

„Во целото тоа време кога волонтиравме и работевме како младински работници, ја увидовме потребата на децата со попреченост да излегуваат надвор со пријатели – врсници. Но, поради несамостојното функционирање на децата и млади со интелектуална попреченост при извршување на секојдневните обврски и исклученост од учество во општествените активности, тие не беа во можност самите да го направат тоа“, велат тие.

„Walkiie“ е апликација која ги поддржува младите со попреченост, така што ги поврзува со волонтери од било која возраст, со цел полесно да извршуваат секојдневни или нови активности заедно.

Апликацијата функцинора на тој начин што најпрво се прави профил како и на секоја друга апликација, по што се одбира опцијата корисник или волонтер, каде корисник е лицето со попреченост, а волонтер е лицето кое сака да се вклучи и да помогне. Волонтерот остава своја фотографија, биографија и термин кога е слободен, а корисникот ја следи листата на волонтери и одбира волонтер и време кои му одговараат, по што заеднички се договараат за точното време и место на средбата.

„Апликацијата прави триаголник за подобро општество. Лицата со попреченост ќе можат да извршуваат почесто социјални активности, нивните родители/старатели ќе имаат поддршка и повеќе време за нив, како и сигурност за нивните деца и повеќе време за обврските, а волонтерите пак, ќе го искористат слободното време за добри дела“, појаснува тимот на „Walkiie“.

Walkiie
Новиот дизајн на апликацијата/ фото: Walkiie

Доколку некое лице не може само да ја користи апликацијата, родителите, пријателите, професорите или некој друг од поблиското опкружување ќе може да најд еволонтер и да организира социјални активности за овие деца.

Од „Walkiie“ додаваат дека волонтер може да биде секој што е навистина посветен и сака да го прави тоа. За да нема несакани ситуации и злоупотреби, планираат склучување меморандум за соработка со неколку организации за одржување на обуки за основни потребни вештини за волонтирање со лица со попреченост. На тој начин, секој волонтер што ќе се приклучи се согласува на договор дека нема да го злоупотребува волонтирањето.

„Тие волонтери кои ќе имаат обука, ќе имаат печат од КРИК, додека за останатите градови ќе склучиме соработка со други организации кои сакаат да ни се придружат и да ги вршат тие обуки. Волонтерите кои ќе имаат печат, ќе бидат обележани со ѕвездичка на нивниот профил на апликацијата, што значи дека тие волонтери се обучени. Исто така, пожелно е на првото заедничко среќавање да бидат присутни и оние кои се грижат за лицето со попреченост“, велат младите иноватори.

Апликацијата засега е достапна во бета верзија, но креаторите велат дека работат на истата и веќе се подготвени нови и подобрени дизајни, како и вклучување на разговор и известувања.

Поради ситуацијата со пандемијата и заради безбедност на вклучените страни немало можност апликацијата да се користи по нејзиното лансирање. Но, затоа тимот истата ја тестирал на летните инклузивни кампови за млади лица, каде што добиле пофалби, критики и совети за понатамошниот развој на „Walkiie“.

„Навистина се надеваме на подобри времиња за брзо време, каде што ќе може да ја тестираме и навистина да им помогнеме на лицата со попреченост“, додаваат од „Walkiie“.

Walkiie
Тимот на Walkiie на предизвикот „Generation Unlimited“ / фото: лична архива

Во изработката на „Walkiie“, младите креативци имале поддршка од неколку организации и фондации.

Наградите од Светска банка се доделуваат секоја година, при што право на учество имаат студенти и млади професионалци на возраст од 18 до 35 години. Натпреварот има за цел да ги поддржи младите визионери кои работат неуморно на постигнување на целите на одржлив развој во нивните заедници низ целиот свет.

Тимот на „Walkiie“ е особено горд на оваа награда, за која велат дека е од огромно значење за нив, бидејќи сега целиот свет ќе слушне за нивната идеја и за нашата земја.

„Огромна чест е што сме првите од Балканот, а воопшто и првите од Европа што победивме на овој натпревар. Сите останати секогаш биле од другите контитенти. Возбудата за оваа победа ќе биде секогаш дел од нас и секогаш ќе бидеме многу горди. Веруваме дека Светска банка навистина ќе ни помогне во процесот на раст и развој на Walkkie“, велат Елена, Ѕвезда и Лазе.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско