Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 54 – годишно лице поради постоење на основано сомневање дека го сторил кривичното дело – обљуба со злоупотреба на положбата.
Осомничениот на 17 декември околу 10,00 часот, со злоупотреба на својата положба како професор во училиште во Крушево извршил полови дејствија врз негова ученичка на возраст од 15 години, која му била доверена заради учење. Кривичното дело осомничениот го сторил напаѓајќи го детето во училница, притоа оштетеното дете го оттурнало од себе и излегло од училницата.
Јавен обвинител кој постапува во предметот до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Предлогот беше прифатен, па Судот со решение на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Полицијата претходно информираше дека случаот го пријавила мајката на девојчето.