Премиерот Заев денеска ја посети родната куќа на великанот Блаже Конески, положувајќи цвеќе пред неговиот споменик во чест на неговиот роденден.
„Оваа посета ја правиме и во пресрет на 100 годишнината од неговото раѓање која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година“, рече Заев додавајќи во таа насока, 2021 година ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик.
Премиерот нагласи дека животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што, како што кажа, се исполнил вековниот сон на редици и редици генерации.
„Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19-тиот и 20-тиот век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа. Блаже Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди“, посочи Заев додавајќи дека Конески ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет.
Според премиерот, кога го чествуваме Конески не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик, туку и неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.
„Богатството што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување сегашните и идните поколенија научници, поети, и најважно од сѐ – искрените вљубеници во вистината и убавината“, нагласи Заев.