Денеска во Штип беше поставен камен-темелник со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот Штип Сити Мол- Поблиску до Вас! чиј носител е компанијата Дик Фагус.
Инвестицискиот проект Штип Сити Мол – Поблиску до Вас! тежи 10 милиони евра и подразбира изградба на модерен бизнис комплекс и хотелски објект кои во наредниот период ќе имаат важна улога за заедницата преку поттикнување на економскиот развој во источниот регион и отворање на повеќе од 250 нови работни места.
„Ова е важен проект за мене лично, за моето семејство, кое е дел од оваа заедница, и за мојата компанија која децении наназад се развива и успешно работи овде. Идејата е да изградиме место кое ќе претставува двигател на економскиот развој во градот Штип и поширокиот регион, да ги донесеме поблиску до граѓаните на источниот регион големите брендови и на едно место да понудиме содржини карактеристични за модерното урбано живеење. Штип Сити Мол- Поблиску до Вас! е проект кој има потенцијал да отвори многу работни места и да стимулира напредок на целиот регион“, истакна на денешниот настан Горан Јордев, извршен директор на Дик Фагус.
На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Штип, Сашко Николов кои ја потенцираа важноста на ваквите инвестиции за опоравување на македонската економија во време на светска економска криза предизвикана од ковид-19 пандемијата како и за економски развој на источниот регион и задржување на младите во Штип.
„Во ова тешко време на ковид криза, ова е убава можност да одбележиме почеток на еден многу значаен проект за Штип и регионот. Убеден сум дека овој проект е пресвртница за градот кој ќе отвори преку 250 нови работни места и нови можности за економски развој. Владата ќе продолжи да работи со своите политики на поттикнување на македонските компании да инвестираат во државата, конкретно ресорот што го водам ќе настојува да пружа помош и поддршка во доменот на изградба на инфраструктура со цел компанитите да имаат добри услови за градба и инвестирање“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Ми претставува особена чест и задоволство, на овој убав ден Св. Никола, патронен празник на нашиот град, да присуствувам на почетокот на изградбата на еден прекрасен објект со кој Штип ќе се гордее. Штип Сити Мол ќе биде место на сретнување и собирање за сите туристи, сите граѓани на градот и пошироко од регионот, ќе доаѓаат овде ќе уживаат во Штип Сити Мол, во гостопримството на Штипјани и во нашата штипска пастрмајлија. Како градоначалник на Штип, благодарен сум на компанијата Дик Фагус што инвестираат за доброто на сите граѓани и ќе настојувам да помагам на сите кои сакаат да отовраат можности за унапредување на градот“, рече новоизбраниот градоначалник на Штип, Сашко Николов.
Дик Фагус е компанија-лидер во дрвната индустрија која помеѓу првите македонски компании се ориентираше дизајнерски, продавајќи под своето име, македонски производ. Од 2005 е во сопственост на Пеком Инженеринг, компанија која постои и се развива од 1990 година. Дик Фагус денеска брои 500 вработени и извезува на пазарите во Велика Британија, Западна Европа, Блискиот Исток, Израел, Америка и Канада, Австралија и Скандинавски земји. Штип Сити Мол – Поблиску до Вас! е проект кој се очекува да биде завршен во 2022 година.