Предпразничната новогодишна еуфорија не изостанува и во ек на пандемија. Доказ за тоа се стотиците родители и деца, млади, но и повозрасни граѓани, кои вечерва можеа да се видат на плоштадот „Македонија” во Скопје. Некои од нив со маски на лицата, а некои без, се фотографираа пред новогодишната елка, како и пред останатите новогодишни украси кои веќе неколку денови се поставени на централниот плоштад во главниот град.
Многу раздвижено е и на улица „Македонија“, каде што се продаваат новогодишни балони и украси. Ова се случува истиот ден кога стапија на сила новите рестриктивни мерки на владата за заштита од ковид-19 со кои е забрането да работат кафулињата, рестораните и останатите угостителски објекти по 18 часот. Забрането е и организирање на какви било прослави за време на новогодишните празници на отворен и на затворен простор.
Освен што има голема фрекфенција на луѓе на градскиот плоштад, слична е и сликата во дел од затворените трговски центри. Стотици граѓани попладнево пазареа во еден од ваквите трговски центри во центарот на градот.
Она што можеше да се забележи е дека луѓето носеа маски, но ретко кој внимаваше на одржувањето растојание од два метри додека чекаа ред за плаќање или додека ги разгледуваа производите на рафтовите. Најголем број луѓе, очекувано, имаше пред рафтовите полни со лампиони и други новогодишни украси.
„Вечерва овде има многу луѓе. Вака најверојатно ќе биде и во следните денови бидејќи сега кафулињата работат до 18 часот, па луѓето се пренасочуваат во затворените трговски центри. Си пазарат, а и плус се на топло“, ни рече вработена во еден трговски центар.
При најавата на новите рестриктивни мерки, претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев и со министерот за здравство Венко Филипче, рече дека не е добро да се групираат луѓе.
„Комисијата едногласно прифати дека треба да препорачаат овие мерки, за да не се дозволи да се расипе трендот на намалување на позитивни случаи кој го имаме во последниве две недели. Тоа намалување е за 11 отсто“, рече Караџовски.
Инаку главниот град Скопје е централното жариште на ковид-19 во земјава. Во последните 24 часа во Скопје се регистрирани околу 40 отсто од вкупниот број на новозаразени со корона вирусот (345 случаи од двкупно 883). Исто така, од вкупно 29 починати пациенти како резултат на ковид-19, дури 12 се од Скопје, или над 41 отсто.
На инфкетивните оддели во болниците во главниот град во моментов се лекуваат вкупно 477 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. До утрово, во болниците во Скопје имало само околу 40 слободни болнички кревети за болни од ковид.
Како резултат на пандемијата, македонската економија во третиот квартал од годинава влезе во длабока рецесија, бележејќи пад на Бруто-домашниот производ два квартали по ред. Во второто тромесечје, април-јуни, падот на БДП изнесуваше драстични 12,7 отсто, додека во третото тромесечје, јули-септември, Бруто домашниот производ се намали за 3,3 процентни поени.