„Пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија’, рече во своето годишно обраќање претседателот Стево Пендаровски, одавајќи им почит со едноминутен молк на 2169 сограѓани кои, за жал, ја загубија битката со вирусот. Тој им изрази благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.
„Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно, на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нѐ обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите“, рече претседателот.
Тој потсети дека државата речиси девет месеци остана без функционално Собрание и мораше за прв пат од нашата независност, да биде воведена вонредна состојба за да се овозможи системот да функционира, економијата да преживее, а Владата да има поширок правен простор да им помогне на граѓаните и на стопанските субјекти кои беа најтешко погодени.
„Сите ги паметиме мачните сцени, дури и во некои од најмоќните држави на светот, каде што луѓето чекаа пред вратите во болниците во кои немаше слободен кревет. Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но, секоја објективна анализа ќе покаже дека државата, генерално, ја менаџираше состојбата на пандемијата на рационален начин со планска дистрибуција на ограничените ресурси кои ни се на располагање, со што избегнавме колапс што веројатно ќе значеше поголем број на жртви и заболени.
Неколку пати го свикував и Советот за безбедност за да договориме подобра координација меѓу институциите и имплементација на неопходните мерки, а, ја вклучив и Армијата во поддршка на здравствениот сектор и полицијата и за време на вонредната состојба и за време на кризните состојби прогласувани на општинско и на државно ниво. Децениско пропаѓање на здравствениот систем лесно можеше да придонесе за уште полоши резултати, ако не беше деноноќниот ангажман на здравствените работници, војската, полицијата и на илјадниците волонтери“, оцени претседателот.
Според него, најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да направиме длабинска анализа за функционирање на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата.
Тој најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент. „Притоа, единствената наша цел треба да биде да ги додефинираме правните основи за подобра координација меѓу институциите во кризни времиња, поголема транспарентност во нивната работа и подобри механизми за контрола како брана против евентуалните злоупотреби од страна на власта“, вели тој.
Пендаровски оенува дека ограничувањето на човековите права и слободи, а особено ограничувањето на движењето и на социјалните контакти меѓу луѓето, што беше изнудена мерка, имаа и значаен негативен психолошки ефект врз граѓаните.
„Имам чувство дека во такви услови кога наша примарна задача беше борбата со вирусот, не само овде и не само ние, недоволно внимание посветивме на ранливоста на граѓаните кон пропагандата, дезинформациите и лажните вести во оваа посебна општествена состојба.
Справувањето со здравствената криза е сериозен предизвик, но, избегнувањето на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во време на пандемијата, е не помал предизвик. Она што сигурно нѐ очекува е нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење на теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи“, истакна тој осврнувајќи се на пандемијата во земјава.