
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека можеби ќе биде неопходно Киев да прифати загуба на некои од своите територии во иден мировен договор со Русија, посочувајќи дека таквите отстапки би можеле да бидат предуслов за членство на Украина во Европската Унија.
– Во одредена фаза, Украина ќе мора да потпише договор за прекин на огнот, а се надеваме и подоцнежен мировен договор со Русија. Тогаш можеби ќе биде неопходно некои територии повеќе да не се под контрола на Украина, рече денеска Мерц пред учениците во гимназијата „Каролус Магнус“ („Карл Велики“) во градот Марсберг, во провинцијата Северна Рајна-Вестфалија.
– Ако украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да ја пренесе оваа порака до Украинците и да ја добие поддршката од мнозинството, и ако за тоа прашање е потребно да се спроведе референдум, тогаш тој треба да му каже на украинскиот народ: Ви го отворив патот кон Европа – додаде Мерц.
Во моментов Украина е земја кандидат за членство во ЕУ. Нејзиниот процес на пристапување во унијата беше попречен од унгарскиот премиер Виктор Орбан, но неговиот пораз на парламентарните избори претходно овој месец влијаеше на надежите дека процесот може да премине во следната фаза.
Мерц реагираше воздржано во однос на евентуално брзо пристапување на Украина во ЕУ, истакнувајќи дека земјата не може да стане членка на унијата додека сè уште е во војна. Според него, Украина мора пред сè да ги исполни строгите критериуми за членство во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
– Зеленски сметаше дека земјата ќе се приклучи кон ЕУ на 1 јануари 2027 година. Тоа е невозможно, дури ни 1 јануари 2028 година не е реален датум – нагласи германскиот канцелар.
Наместо тоа, Мерц предложи меѓучекори, како што е вклучувањето на Украина како земја набљудувач во европските институции – предлог кој според него наишол на широка поддршка кај европските лидери за време на самитот во Кипар минатата недела, на кој учествуваше и Зеленски.

