Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Не познавам ниту еден од власта и опозицијата кој е подготвен да тргува со идентитетот

Пендаровски: Не познавам ниту еден од власта и опозицијата кој е подготвен да тргува со идентитетот

Во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, рече претседателот, Стево Пендаровски, во годишното обраќање пред пратениците.

Тој рече дека неговиот став е дека не треба да се одржуваат лидерски средби за спорот со Бугарија, а исто така, не гледа ниту потреба да се свика посебна седница на Парламентот за ова прашање.

„Во однос на лидерската средба, сакам да кажам дека иако минатата и оваа година, на барање на политичките партии, под мое раководство беа одржани повеќе такви средби, мојот став е дека таквиот вонинституционален формат на средби, во принцип, треба да го напуштаме, затоа што лидерските средби се, во суштина, замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет, што кај нас не е случај. А, во врска со свикување на посебна седница на парламентот, иако тоа е надлежност на овој дом, се разбира во тоа немам намера да се мешам, исто така не гледам потреба за такво нешто, затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, рече Пендаровски.

Длабоко сум убеден, додаде тој, дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944-та година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава.

„Во однос на ставовите по ова прашање на најголемите политички партии, имам кажано и порано, денес ќе повторам: тие имаат потполно идентичен став по однос на нашиот идентитет и се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта. Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа“, рече претседателот.

Пендаровски, исто така, кажа дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите.

„Минатата година во едно мое интервју реков дека ако цената за да влеземе во Европската Унија е да се откажеме од идентитетот и јазикот, тогаш нема жив Македонец кој ќе се согласи со таквиот услов. За тој став, бев критикуван од некои кругови кои велеа дека е погрешен и дека ние треба да направиме сѐ, и без оглед на цената да влеземе во Унијата. И тогаш и денес сум убеден дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат. Ние не преговаравме 25 години со Хеленската Република само за додавка во името, туку, пред сѐ, за меѓународна потврда од целиот свет, преку Организацијата на Обединети Нации, за тоа кои сме и што сме. На крајот, направивме компромис само затоа што и во грчкиот парламент и во Обединетите Нации беше ратификувано и потврдено дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за сочувување и промовирање на македонскиот идентитет.

„За жал, кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж: дали политичарите – Албанци ја поддржуваат нашата борба за поширока меѓународна афирмација? Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 1990-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странските емисари затоа што знаевме дека зад себе имавме усогласена државна позиција. Впрочем, поинаку и не може да биде затоа што Северна Македонија е заедничка куќа за сите нас во која нема поделба на потстанари и газди“, изјави Пендаровски.

Тој кажа дека и покрај бугарското вето,  Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија.

Според него, ЕУ е далеку од совршена, националните интереси често ја парализираат, атрактивноста на нејзиниот модел и претпристапните фондови не се нивото на кое беа пред 15 или 20 години, но, сѐ уште е незаменлив инструмент за демократизирање, а со нејзините вредности инспирација за милиони луѓе во светот.

Притоа, рече Пендаровски, нема да прифатиме никаква резервна варијанта, а, ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи само ако тие се комплементарни, и не претставуваат замена за членството во Унијата.

„Алтернативата на овој европски пат е да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат. Знам дека огромен број од нашите граѓани не би сакале да видат ваков развој на настаните“, кажа Пендаровски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Гаши уверува дека е обезбедено двотретинско мнозинство за уставни измени

Мицкоски се враќа на режимските практики, тврди Филипче

Мицкоски: Наскоро ќе видите како се прислушувало последните години, ќе се згрозите