Во Националниот музеј за уметност во Херсон – Украина, поставена е изложба на цртежи и колажи на Јана Манева-Чупоска.
Изложбата се состои од четириесет дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника: молив, јаглен, акрил и темпера.
Авторката Манева-Чупоска е инспирирана од актуелната состојба со корона-кризата која во негативен правец целосно го промени начинот на животот кај луѓето.
Насловот на изложбата „Љубовници во пандемија“ (Pandemic Lowers) има алегорична конотација кој алудира на надеж и потреба за враќање на животот во нормален правец.
Преку фигуративните композициски ликовни претстави, ликовната уметница Јана Манева-Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во корона-кризата.
Таа љубовта ја нагласува како ликовен симбол кој во овие дела дава надеж дека сепак љубовта ќе го спаси човештвото.
Изложбата е под кураторство на професорката Елена Чепелук професорка на Факултетот за уметност и дизајн во Херсон.
Изложбата освен во Националниот музеј беше претставена и во галеријата на Факултетот за уметност и дизајн во овој украински град.
Изложбата „Љубовници во Пандемија“ е финансирана од Министерството за Култура на Р. Македонија како Национален проект од ликовната област за 2020 година.