Утрински Весник
Политички Партии

СДСМ: Заврши времето кога лажни земјоделци се богатеа на маката на вистинските

ВМРО-ДПМНЕ е синоним за нечесен, лицемерен и потценувачки однос кон земјоделците и кога е власт и кога е опозиција, велат од СДСМ како реакција на денешната изјава на Цветан Трипуновски кој кажа дека стоте дена Влада на СДСМ донеле сто маки за земјоделците.

Меѓутоа, од владејачката партија посочуваат дека владата не само во претходните 100 дена, туку 3 години по ред покажува што значи вистинска грижа за земјоделците.

„Над 340 милиони евра за три години се исплатени кон земјоделците, преку субвенции и директна помош кои се исплаќаат неселективно и навремено, воведена е зелена нафта, донесени се мерки како Млад земјдолец, поддршка за жените во руралните подрачја, набавка на трактори со мерката 50-50, кои беа поздравени од земјоделците и за кои имаше голем интерес“, посочуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека земјата е регионален лидер во искористеност на ИПАРД фондовите, отворени се повици за државна земја, а, како што велат, 80 милиони евра се вложени во системи за наводнување и други капитални инвестиции.

Од партијата на власт истакнуваат и дека годинава покажале дека знааат да се справат и во услови на длабока криза од светски размери.

„Први на удар со воведувањето на карантинот беа градинарите производители на зелка, каде што веднаш Министерството интервенираше со дополнителна мерка. Потоа, за лозарите воведени се дополнителни мерки и рекордно високи субвенции кои ќе ги добијат до крајот на годинава. Во моментов се одвива поддршката од државата во откупот на тутунот и нема дилема дека повторно Владата и Министерството ќе им помогнат на производителите во рамките на законските можности“, нагласуваат од СДСМ.

Од таму додаваат и дека времето кога, како што велат, лажни земјоделци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се богателе на маката на вистинските земјоделци е завршено.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт