Утрински Весник
Економија

Бесими: Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита

Бесими: Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита

Преку четирите столба – Економско заздравување од Ковид-19, Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и Развој на човечките ресурси и еднакви можности, ќе се спроведе Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст на македонската економија. Преку стратегијата, но и преку политиките за фискална консолидација и среднорочниот план за јавни инвестиции ќе се дејствува во насока на одржување на здравјето на граѓаните, економијата и општеството, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на почетокот на расправата за Предлог-буџетот за 2021 година на Комисијата за финансирање и буџет.

„ Новина на овој Буџет е неговата петгодишна рамка 2021-2025 и покрај предизвиците и непознаниците што ги носи кризата предизвикана од КОВИД-19 и се заснова на АБЦ-то на овие три среднорочни платформи: А.Фискална консолидација 2021-2025 година, Б. Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст и Ц. План за јавни инвестиции 2021-2025 година. Со ова, нашата главна цел е на среден рок да го забрзаме економскиот раст од 2-2,5% што била во последната деценија на 4-5% просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст“- рече Бесими.

Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, посочи министерот за финансии. Предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, кои ќе бидат во насока на добро управување, владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување на фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност. Обезбедување и на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги. Истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството, рече Бесими.

„ Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување“ додаде Бесими и дополни дека со политиките и мерките кои ќе се спроведат во рамки на Стратегијата за ревитализација и забрзан раст или Попаметен раст – Smarter growth, ќе се придонесе кон реализација на целта за побрз и одржлив економски раст – двојно повисок во однос на просекот во изминатите десет години.

Бесими посочи дека ќе се врши и постепена фискална консолидација со која буџетскиот дефицит веќе следната година ќе се намали за 3,6 процентни поени.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс во 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари или за 3,6 процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“