Утрински Весник
Политички Партии

(Видео) Николоски: Време е за оставка на Заев и за формирање на Влада за национален спас

(Видео) Николоски: Време е за оставка на Заев и за формирање на Влада за национален спас

 

Политичката кариера на Зоран Заев се темели на две клучни ветувања, првото е живот за сите, a второт интеграцијата на Република Македонија во ЕУ, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во однос на првото тој кажа дека Македонија во изминативе четири години се задолжила преку две милијарди евра и дека во земјата, како што рече, владее тотална сиромаштија и беспарица. Исто така, Николоски нагласи дека после четири години јасно е оти проектот на Заев за ЕУ завршува со целосно фијаско.

„Четири години лажни ветувања дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Четири години Зоран Заев и неговиот тим ветуваат дека ќе почнат преговори, ама никако да кажат на кој датум ќе почнат преговорите за членство во ЕУ. Четири години немаме одговор на едноставното прашање кое што го поставува ВМРО-ДПМНЕ кој е датумот на кој што ќе почнат преговорите со ЕУ“, посочи потпретседателот на опозициската партија.

Според него, откако Бугарија видела дека Македонија не напредува во делот на реформи и борба со организираниот криминал и корупција, решила да ги постави и своите позиции.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди да се направи средба помеѓу клучните политички фактори во Македонија и слична декларација со македонски позиции, да се усвојат во македонското Собрание, како би можело Македонија со консензус да ги постави своите позиции. За жал истото беше одбиено. Потоа следуваше март 2020 година кога Бугарија успеа овие позиции како објаснувачки меморандум да ги направи составен дел на одлуката на ЕУ по однос на почетокот на преговори на Македонија. Тогаш беше атмосфера на предизборие и власта се обиде да го скрие овој документ. Две недели го криеја документот, за потоа да биде презентиран од медиумите, да биде презентиран и од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш јавно повикавме на лидерска средба, на која што заеднички ќе заземеме став. За жал, тоа наше барање се одби, се одби барањето за лидерска средба, власта продолжи самата да ги води процесите, верувајќи дека ќе може на тој начин да се претставува како единствен фактор кој што ја движи државата напред, а сите останати се, нели, ретроградни сили“, посочи Николоски во неговото излагање.

Според него, сета оваа хронологија покажува дека Владата предводена од Заев нема нити волја, нити капацитет да направи реформи, да се бори со организираниот криминал и корупција, а уште помалку знае да ги решава отворените прашања.

„Затоа ден поскоро, час поскоро треба да заминат! Зоран Заев и оваа Влада да поднесат оставка и да се формира Влада на национален спас, која што ќе даде одговори на оваа голема криза во која што се наоѓа Македонија. Криза во однос на блокадата на евроинтегративниот пат, но исто така здравствена и економска криза со коронавирусот“, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт