Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 689 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 142 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на КОВИД -19 вирусот кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 831, информираат од Министерството за здравство.
Во болниците во внатрешноста има околу 70 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 59 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 73 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 110, во ковид центарот во Гостивар 48, а во Струга 30 болни. Во болницата во Струмица лежат 84 пацинети, во Кочани 31, во Кичево 19, Кавадарци 40, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот.
Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1271 и има колку 90 празни болнички кревети во ковид центрите.
„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, велат од Министерството.