Јамајчанската атлетска легенда, Јусеин Болт вели дека би загубил во трка на 100 метри од Кристијано Роналдо во моментов, бидејќи се работи за супер-спортист.
Во интервју со шпанската „Марка“, Болт, светскиот рекордер на 100 и 200 метри, кој е во пензија од 2017 година, зборува за својот неуспешен обид да се активира како фудбалер, и признава дека има огромна почит кон Португалецот.
„Кристијано сега би ме победил, тоа е сигурно. Прво, уште е активен и познавајќи го работи како луд секој ден. За мене тој е супер-спортист. Секогаш на врвот, секогаш фокусиран, секогаш посветен. Сигурен сум дека сега е побрз од мене“, вели Болт.
Тој признава дека фудбалската кариера му е на крајот големо фијаско, и признава дека било грешка што заминал во Австралија.
„Лично, мислам дека требаше да останам во Европа и да се обидам да влезам во некој клуб. Но, логиката беше да одам далеку, да бидам подалеку од медиумите и притисокот, но не беше така. Во Европа ќе имав повеќе простор за раст“, додава Јамајчанецот.
> Болт: Сега би загубил во трка од Кристијано Роналдо <