Утрински Весник
Свет

Претседателот на Туркменистан подигна златен споменик на куче во време кога земјата е во криза

Претседателот на Туркменистан подигна златен споменик на куче во време кога земјата е во криза

Претседателот на Туркменистан во главниот град откри златен споменик, посветен на неговата омилена раса кучиња – средноазиски овчар.

И додека Туркменистан, како и целиот свет, се бори со кризата поради пандемијата, во главниот град Ашгабат осамна споменик висок 6 метри.

Средноазискиот овчар, попознат како Алабаи, е национален симбол на Туркменистан и не е прв пат претседателот Гурбангули Бердимухамедов да и посвети нешто на оваа раса. Имено, минатата година тој му посвети една книга на своето омилено куче.

Величествениот споменик е подигнат во делот на градот каде што живее претежно сиромашното население и никој не знае колку чинела неговата изградба.

За време на откривањето на споменикот, на едно момче му беше подарено кутре од ова расно куче, како и рачно везен тепих и тркачки коњ од расата ахал-теке, на кои Бердимухамедов исто така е многу горд.

Претседателот во повеќе наврати ја искажал својата љубов кон туркменските коњи, а колку е приврзан за нив, можеби најдобро покажува друг златен споменик, на кој е претставен како јава на ахал-теке. Споменикот е откриен во Ашгабат во 2015 година.

Бердимухамедов честопати на водачите на пријателските земји им подарува ждребиња од туркменски коњ, како и кутриња од средноазиски овчар.

Владимир Путин, кој е познат како голем љубител на кучиња, исто така своевремено го доби како подарок.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ЕУ планира да замрзне дел од средствата за Украина додека не завршат реформите

На Менхетен убиен извршниот директор на „Блекстоун“

Британија ќе ја признае Палестина во септември ако Израел не се согласи на прекин на огнот