Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, што се однесува на периодот од 2 до 8 ноември, тестирани се вкупно 19.719 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,3 проценти, во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 7.280 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што претставува зголемување од 25,5 проценти во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.256; 44,7%), со неделна инциденца – 527,2/100.000.
Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 37 проценти. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи.
Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=1543, 21,2%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1452; 19,9%), од 40 до 49 (n=1403; 19,3%), од 50 до 59 (n=1401; 19,2%) и од 20 до 29 години (n=1090; 15,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години (n=120; 1,6%) и од 10 до 19 години (n=252; 3,5%).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.758 (51,6%) лица од машки и 3.522 (48,4%) од женски пол. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.114 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 852 лица повеќе во однос на претходната недела. Пријавени се 127 смртни случаи од 22 града, зголемување од 41,1% во однос на минатата недела.
Во однос на возраста, 94 лица биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50 до 59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, 4 случаи во возрасната група од 30 до 39 години и 1 случај на возраст 20-29 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 120 или 94%.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 2 до 8.11.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/