Утрински Весник
Економија

Македонија ќе увезува струја, запира производството во хидроелектраните

Македонија ќе увезува струја, запира производството во хидроелектраните

Неповолната хидролошка состојба го отежнува производството на електрична енергија, разликите ќе се надоместат преку набавка за да не се загрози живиот свет, соопшти Владата.

„Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет“, се наведува во соопштението.

Од тие причини, велат од Владата, со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите.

„Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула. Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите“, велат од Владата.

Од наведените причини, се додава во соопштението, е донесен заклучок АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес.

„Заклучено е во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд да го развива трејдингот, односно купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената за домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголемa добивка за буџетот“, соопштија од Владата.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен