Утрински Весник
Македонија

Шилегов и претставници на Владата на средба со скопските пожарникари

Шилегов и претставници на Владата на средба со скопските пожарникари

Во просториите на Град Скопје денеска продолжи социјалниот дијалог со претставниците на скопските пожарникари за решавање на настанатиот проблем и изнаоѓање нови решенија за нивните синдикални барања. На средбата присуствуваа претставници од ССМ и од Независниот синдикат на пожарникарите, градоначалникот Петре Шилегов, советникот во Владата за труд и социјална политика, Милан Живковиќ, и Владимир Ивчев, од Министерството за одбрана.

„На денешниот состанок разговаравме како да стигнеме до брзи решенија за исплата на додатоците на плата кои се однесуваат на ризикот и опасноста при работа согласно со кои припадниците на противпожарната бригада треба да примат 20% повисока плата, почнувајќи од 2014 година, но и за системски решенија кои ќе подразбираат законски измени во Собранието кои ќе овозможат повеќе средства за пожарникарите. Добрата вест е дека политичка волја за надминување на проблемот постои и кај ЗЕЛС и кај Владата на РСМ, постојат буџетски средства, а постои и дијалог и со ССМ и со Независниот синдикат на пожарникарите. Проблемот е настанат за време на владеењето на претходната власт, но тоа не значи дека оваа власт нема да го реши. Впрочем, тоа и е разликата во начинот на владеење и одговорноста пред граѓаните, додека некои создаваа проблеми, ние ги решаваме“ – рече Шилегов.

На состанокот на пожарникарите им беше понуден нов правилник за плата и беше договорено социјалниот дијалог да продолжи наредната среда.

Шилегов на средбата додаде дека решенија се барале и во периодот пред да почне протестот на пожарникарите, но преку дијалог дошле до заклучок дека ваквите решенија не се доволно брзи и прифатливи за синдикатот заради што заедно со Владата се работи на изнаоѓање нови решенија кои би можеле да стапат на сила уште во текот на овој месец.

„Упатувам огромна благодарност до припадниците на Противпожарната бригада на Град Скопје за покажаното разбирање за комплексноста на проблемот и за подготвеноста преку дијалог да стигнеме до оптимални решенија преку кои ќе бидат зголемени платите и додатоците, дури и пред донесувањето на законските измени во Собранието“ – порача Шилегов по состанокот со пожарникарите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете