Бугарскиот премиер, Бојко Борисов ја испрати вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во Берлин, каде вечерва ќе се одржи дискретна средба со претставници на владата на Република Северна Македонија на покана од германското претседателство со ЕУ, јавува БГНЕС.
Целта на разговорите, како што пишува бугарската новинска агенција, е Бугарија да ги утврди условите под кои би можела да го поддржи почетокот на преговорите за Северна Македонија.
Захариева се очекува да ја претстави тврдата позиција на Софија, нагласувајќи дека има сè помал временски прозорец што останува сè додека не се донесе одлука. Останаа само уште неколку дена во кои ЕУ мора да одлучи дали Северна Македонија ќе започне или не преговори, пишува агенцијата.
БГНЕС го контактирала бугарското Министерство за надворешни работи, но оттаму не ја потврдиле ниту пак ја демантирале информацијата.
Пред неколку дена, Захариева за „Ројтерс“ изјави дека Бугарија го губи трпението во врска со неподготвеноста на С.Македонија да го спроведе Договорот за пријателство, што премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев го потпишаа во 2017 година. Таа рече дека С. Македонија треба да ја признае „историската вистина“ оти македонските јазик и идентитет имаат бугарски корени.