Вечерва се празнува „Ноќта на вештерките“ или Halloween кој секоја година се одбележува на 31 октомври, ноќта пред празникот „Сите светци“ (All Saints) во католичката вероисповест. Но, одбележувањето на Ноќта на вештерките е глобален тренд, кој во последните години се забележува и кај нас, особено кај младите. Во оваа ноќ се раскажуваат страшни приказни, децата се маскираат и се декорираат домовите со хорор мотиви. По тој повод, Инстаграм профилот @studentarijamk во соработка со Новинската агенција „Мета.мк“ и Издавачки центар „ТРИ“, распиша Конкурс за краток хорор расказ.
Во текот на два дена, колку што траше конкурсот, пристигнаа 21 труд од млади автори. Кратките раскази беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Горан Ризаов, главен уредник во Новинска агенција „Мета.мк“, Бојан Саздов, главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“, Тања Блажовска- Митевска, заменик главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“ и Гоше Николов, соработник во „Мета.мк“. Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, но и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.
Согласно правилата на конкурсот, наградени се три кратки раскази. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични, при што само нијанси ги одделуваа победничките од останатите кратки раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои трудови.
Авторите на наградените трудови ќе добијат ваучери од страна на Издавачкиот центар „ТРИ“.
Првата награда ја добива: Шепкачот за расказот со наслов „Клетва“ кој во продолжение можете да го прочитате во целост.
Уживајте во мистериозната „Ноќ на вештерките“!
Прва награда:
„Клетва“
автор: Шепкачот
Се викам Петра и сум најубавата девојка во моето село. Момците копнеат за моето внимание и присуство. Ме посакуваат. Живеам заедно со моето семејство,татко ми, сточар, мајка ми домаќинка и брат ми, мртов. Поминаа 4 месеци откако неговиот живот згасна во селскиот дол. Долот во кој ги фрлаат лешовите на некрстените. Брат ми беше најпаметниот човек што некогаш сум го сретнала и затоа мојата совест сè уште не може да се помири како своеволно успеал да падне во долот. Иако беше крстен, неговиот самоубиствен потег го истера попот од неговото вечно почивалиште. Го закопавме без никаква поворка.
Не знам зошто, но од тогаш во селото почнаа да се шират некакви гласини. Гласини што ги плашеа моите внатрешни демони. Наводно меѓу селаните се ширеа муабети за нејзиното враќање. Која е таа? Слушнав дека ја нарекуваат „Параскева“ или меѓу селаните ѓаволот на земјата, зло, проклетство. Тоа многу добро ме врати во детството, кога мајка ми нѐ плашеше мене и брат ми „Ако не легнете веднаш, ќе дојде Параскева и ќе ве однесе со неа“.
Пред 100 години, во моето село живеела една убава девојка по име Параскева. Таа била најубавата мома во целото село и подалеку. Сите момци ја љубеле и посакувале за себе. Но, во нејзиното срце имало место само за еден. И тоа место било резервирано за Тома. Сета своја љубов му ја посветила нему. Селските момци биле љубоморни на Тома. Можеби и не би требало кога би знаеле дека Тома не ја љуби Параскева. Не знам зошто и како, но Тома знаел дека таа убавина на Параскева значи само едно нешто. Зло. Тој знаел дека таквата убавина не може да е Божја работа. Човек не може да е толку убав ако ѓаволот не замешал прсти. Затоа не сакал под никакви услови да биде со неа. Параскева не можела да го прифати тоа. Таа жалела, плачела и молела по Тома. Сѐ било залудно. Параскева не можела да го издржи таквиот пораз да биде одбиена. Гневот во неа станувал неподносливо еруптирачки. Решила да си го одземе животот, фрлајќи се во селскиот дол. Долот во кој ги фрлаат некрстените. Но, пред да го направи тоа фрлила клетва „Секој што ќе ја посака љубовта на најубавата девојка, го проколнувам да умре од истата“. И умрела.
Не знам зошто селаните веруваат во нејзиното враќање, бидејќи брат ми никогаш не ми спомнал за некоја девојка. Не можам да ги обработам податоците. Ми дојде премногу. Не верувам во ова. Верувам дека беше несреќа и ќе го оставам брат ми да почива во мир. Наредните месеци беа особено тешки. Не можев да се помирам со неговото отсуство, особено кога бевме доста приврзани еден со друг. Одбивав да верувам во бабините деветини што се ширеа во селото, но можев да го забележам стравот и напнатоста кај селаните. Можев и да забележам како нѐ одбегнуваат. После смртта на брат ми, едноставно луѓето не сакаа да бидат во наша близина. Веруваа дека сме „проколнати“. Мајка ми и татко ми ги уништи тоа.
Утре е Задушница. Ден посветен на мртвите и нивните души. Деновите започнуваа со првото кукурикање на петлите. Луѓето веруваа дека кукурикањето ги истерува сите зли сили. Оваа вечер го сонував брат ми. Ми се јави на сон, но сè што можев да видам е како стои и ми се смее. Не знам зошто неговата насмевка ми изгледаше злобно, но беше доста застрашувачки за да се разбудам. Беше темно. Целото село спиеше. Можев да го слушнам секое шушкање. Не можев да продолжам да спијам, па затоа станав, се облеков и излегов. Тргнав на гробишта. Го слушав крцкањето на земјата под моите нозе. Беше темно и не се гледаше прст пред око. Запалив свеќа.
Гробиштата беа поодалечени. Не бев параноична, знаев дека е Задушница и ако видев некого немаше да се исплашам. Се приближив до гробиштата. Не можев да ја искарам од глава злобната насмевка на брат ми. Не ме плашеше таа злобна насмевка, ме плашеше тоа што нема ветар, а свеќата ми се изгасна. Срцето ми заигра. Ми заигра од тоа што го видов. Една запалена свеќа на гробот на брат ми. Срцето ќе ми излеташе од гради поради фактот што свеќата беше нова, тазе запалена, без капка растечен восок. Што по ѓаволите ? Не можев да ја контролирам мојата параноја и решив да се дефокусирам. Извадив пченица и вино. Решив да кажам молитва за покојната душа. Не успеав ни да почнам кога свеќата повторно се изгасна. Ова беше моментот кога се свртев да си одам. Во темнината невнимателно го турнав шишето со вино и го слушнав неговото кршење. Ја полив целата надгорбна плоча. За целата слика да е појасна, ја осветли пламенот на свеќата. Свеќата што не ја запалив јас. Ја запали една силуета што стоеше зад неа и ме бодеше со темните очи.
Кожата почна да ми се ежи. Но, злото не запираше. Надгобната плоча сјаеше со чистота. До сега не сум ја видела толку чиста и покрај фактот што го истурив виното. Целото проклето вино се истури, а немаше ни трага од него.
„Прости што те исплашив “ – еден рапав глас ме сепна. Ги собрав сите сили да се помрднам за да ја видам силуетата подобро. Тоа беше најубавото лице што сум го видела, и не знам зошто , но проклето ме потсетуваше на мене. Немав видено таков фустан што носи, но имав чувство како да го познавам.
„Јас сум девојка од далеку, имам предци во ова село, па дојдов да го спомнам името нивно“. Не разбрав што кажа, јас само бев заслепена од нејзината убавина. Успеав да се соземам и да не бидам некултурна, па ја понудив со пченица. Не сакаше да земе. Зошто, по ѓаволите, одбиваше кога тоа беше обичај?
„Ти сигурно мора да си вдовицата на ова прекрасно момче. Ти си најубавата девојка што сум ја видела“. Да, и јас го мислев тоа за неа. “Тој ми е брат“ – прозборев за прв пат.
„Ох, кутрото тоа момче. Не знаело во што се впушта, исто како и мојот Тома“.
Тома. Дали сериозно го слушнав тоа име? Слушнав кукурикање. Моето внимание се насочи кон насоката од каде што доаѓаше звукот. Не знам што попрво ќе ме убие – дали фактот што до мене седи една убава девојка што била вљубена во Тома, претпоставувам нејзиното име е ПАРАСКЕВА или фактот дека станав утрото за да дојдам на гробишта, УШТЕ ПРЕД ДА КУКУРИКААТ ПЕТЛИТЕ. Брзо изрипав, но се стаписав. Јас сум сама на гробот на брат ми. Нема никој. Ја нема Параскева. „Ох, Боже мој“. Како да ме тресна нешто. Се чувствував зашаматено, ја губев рамнотежата. И нормално, кога стоев на работа на долот. Долот во кој ги фрлаат некрстените. Спомнувањето на Бог ме врати во реалноста.
И тогаш сфатив. Знам зошто сум овде. Јас сум на вратата пред мојот дом. Јас дојдов од овој дол и ќе се вратам овде. Овде е моето место, заедно со мојот брат кој го убив. Почнувам да се смеам на цел глас. Сега сфаќам од каде го знам тоа лице толку добро, а тој фустан? Ох, се чувствував толку убаво во него. Јас никогаш не ја видов Параскева на гробиштата. Јас се видов себеси. Тоа лице беше моето, а тој фустан… во тој фустан го завршив мојот живот во овој дол, точно пред 100 години. Јас не сум Петра, јас сум Параскева, нејзината реинкранација. Јас сум најубавата девојка во селото, толку убава што и мојот сопствен брат ја посакувал мојата љубов.
„Секој што ќе ја посака љубовта на најубавата девојка, го проколнувам да умре од истата“.
Не можев да спијам таа вечер, па го разбудив брат ми да излеземе на воздух. Тој беше скептичен, бидејќи сѐ уште беше мрак, а ги немаше ни петлите. Но, за да не бидам тажна се согласи. Нешто посилно од мене ме водеше накај долот. Сега сфаќам што е тоа. Тоа беше клетвата на Параскева. Го турнав во долот и се вратив во мојата постела. Не се сеќавав на ништо утрето, но знаев само едно. Брат ми е мртов.
А, сега? Сега многу добро се сеќавам на сѐ. Затоа, навистина ми е жал ако си многу убава. Убавината е благослов, но истовремено и проклетство. Ако не сакаш да ме сретнеш, внимавај кому го даваш срцето, во спротивно ќе дојдам по тебе.