Утрински Весник
Култура

Конкурс за краток хорор расказ: „Илузија“ – втора награда

Конкурс за краток хорор расказ: „Илузија“ – втора награда

Вечерва се празнува „Ноќта на вештерките“ или Halloween кој секоја година се одбележува на 31 октомври, ноќта пред празникот „Сите светци“ (All Saints) во католичката вероисповест. Но, одбележувањето на Ноќта на вештерките е глобален тренд, кој во последните години се забележува и кај нас, особено кај младите. Во оваа ноќ се раскажуваат страшни приказни, децата се маскираат и се декорираат домовите со хорор мотиви. По тој повод, Инстаграм профилот @studentarijamk во соработка со Новинската агенција „Мета.мк“ и Издавачки центар „ТРИ“, распиша Конкурс за краток хорор расказ.

Во текот на два дена, колку што траше конкурсот, пристигнаа 21 труд од млади автори. Кратките раскази беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Горан Ризаов, главен уредник во Новинска агенција „Мета.мк“, Бојан Саздов, главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“, Тања Блажовска- Митевска, заменик главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“ и Гоше Николов, соработник во „Мета.мк“. Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, но и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Согласно правилата на конкурсот, наградени се три кратки раскази. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични, при што само нијанси ги одделуваа победничките од останатите кратки раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои трудови.

Авторите на наградените трудови ќе добијат ваучери од страна на Издавачкиот центар „ТРИ“.

Сите наградени раскази ќе бидат објавени вечерва на Мета.

Втората награда ја добива: Алан за расказот со наслов „Илузија“ кој во продолжение можете да го прочитате во целост.

Втора награда

Илузија

автор: Алан
ToNic-Pics на Pixabay
фото: ToNic-Pics на Pixabay

Мракот бревташе околу неа како куче кое штотуку се ослободило од своите стеги додека таа полека чекореше во долгиот студен ходник. Стравот ѝ го распоруваше градниот кош, чиниш, во секој момент би можела во прегратка да го фати сопственото срце, а гласовите кои полека ги раскршуваа старите ѕидови се вгнездуваа во нејзиното тело. Се бореше сама со себе, мислејќи дека сè е само сон, додека повторно не ги отвори очите и пред себе виде обезглавено тело во форма на птица кое се обидуваше да се помрдне користејќи ги своите крилја, но пак се вкопуваше в место. Трудејќи се да му проговори, почувствува дека не може да испушти ниту еден збор и тогаш истрча најбрзо што можеше. Во темнината, во таа густина од непроодни ходници почувствува дека се губи себеси, не знаејќи како стигна до овде и од каде може да излезе. Слушна недефиниран звук од кој смртно се преплаши истовремено обидувајќи се да дознае од каде доаѓа и што значи. Тогаш пред неа се појави огромно змиско тело со три глави кое се доближи до неа лазејќи, душкајќи ја додека нејзината фигура се грчеше неконтролирано. Тогаш, устата на една од главите се помести и конечно проговори:

– Знаев дека ќе дојдеш. Те очекував. Секој ден сè повеќе и повеќе. Ти никогаш не успеа да го напуштиш ова место иако мислеше дека повеќе не припаѓаш овде. Не ме препозна нели?

– Престани, не те познавам, не знам која си!

– Многу добро знаеш која сум. Ова е твојот глас, не ми замерувај, само малку го позајмив од тебе.

– Не те познавам, ти кажав. И не, тоа не може да биде мојот глас. Што се случува, зошто сум овде?

Тогаш, се отворија усните на втората глава, овојпат со многу посериозен и напнат тон:

-Не се обидувај да им противречиш на нашите зборови затоа што знаеш како ќе заврши ова. Само обиди се да се сетиш поврзувајќи се со твоето минато. Сети се. Сети се! – повтори уште неколкупати чудното суштество.

Во тој момент, целиот простор почна да се раскршува. Се разурнаа влажните ѕидови, а подот се отвори ко зеница на око кога се шири. Женското тело му се препушти на падот, не чувствувајќи речиси ништо. Лесното паѓање премина во измачување. Околу неа се појавуваа изместени лица, се слушаа крици на беспомошни луѓе, нивните молби удираа во неа толку силно што успеа само да ги затвори очите. Почувствува празнина. Голема колку дупката во која се најде кога успеа да прогледа. Излез немаше. Тогаш, пред неа се појави старата шупа во која порасна. Гледана од далеку, беше морничава и грозна. Од прозорците се слеваше влажна течност, кровот се издигнуваше и спушташе со секое нејзино вдишување и издишување се додека врз неа не легна целосен мрак. Ваквата глетка, сосема неочекувано, за девојката предзвика возбуда. Го препозна сопственото минато кое како сенка се лепеше за неа и првпат му погледна в очи. Мускулите на нејзиното лице се искривија во широка зајадлива насмевка. Се смееше без престан иако не можеше да насети ништо добро. Но, токму тоа ја возбудуваше.

darksouls1 на Pixabay
фото: darksouls1 на Pixabay

– Успеа да се вратиш нели? Ти реков дека ќе го сториш тоа. Бегството не е решение, соочувањето е. А ти отсекогаш умееше да се носиш со своето минато затоа што од него го изгради својот постоечки универзум. Во него си најдобра! – повторно го слушна гласот кој овојпат излезе од грлото на третата глава.

– Знам каде сум иако не можам да си објаснам зошто на почетокот чувствував страв и морничавост. Ова е мојот свет, јас нему му припаѓам.

– Сето она низ кое што минуваш е само привид. Фокусирај се на тоа во кое што уживаш. Направи го тоа. Одново и одново и одново!

Овојпат не следуваше одговор затоа што истиот миг, покрај нејзиното, од прав се издигна обезглавеното тело на птица, а змијата со три глави исчезна како и никогаш да не постоела. Влажната течност од прозорците на шупата која постоеше само во нејзините сеќавања сега го исполни целиот простор во кој испружената фигура се давеше во црвенилото без да даде отпор и  без можност да испушти крик. Во еден миг почувствува дека е спасена и свртувајќи се кон сопствениот живот се виде себеси, ги виде сите свои избори. Во него ја виде празнината на сиот свој свет. Ама не се каеше…

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“