Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал само едно решение за изолација на лице кое било во контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е заразен со коронавирусот.
Директорката на Инспекторатот, Иринка Сотирова – Бухова, соопшти дека епидемиолошката анкета на министерот покажала дека само кај едно лице има ризик за зараза.
„По спроведена епидемиолошка анкета утвредено е дека само за едно лице постои среден, односно висок степен на загрозеност. Издадено е едно решение по основ на контакти“, рече директорката.
Министерот Спасовски завчера соопшти дека е позитивен на Ковид – 19 и покрај тоа што ги почитувал мерките за заштита од вирусот.
Директорката Сотирова – Бухова рече дека изминатите шест дена се издадени 6.715 решенија за изолација на лица позитивни на коронавирусот или лица кои биле во контакт со позитивен на Ковид – 19.