Утрински Весник
Свет

Седуммина загинати во експлозија на бомба во верско училиште во Пакистан

Седуммина загинати во експлозија на бомба во верско училиште во Пакистан

Најмалку седум лица загинаа, а над 80 се повредени во експлозија на бомба во медреса во пакистанскиот град Пешавар, соопштија полициските и здравствените власти. Досега никој не ја презел одговорноста за експлозијата на бомбата во градот, пренесува „Ројтерс“.

„Експлозијата се случи за време на наставата за Куранот. Некој донесе кеса (со бомба) на религиозниот семинар”, изјави полицискиот службеник Вакар Азим за „Франс прес“.

Тој додаде дека лицето кое ја донело бомбата го напуштило местото непосредно пред експлозијата.

Началникот на полицијата во Пешавар, Мохамад Али Гандапур, за „Ројтерс“ изјави дека бомбата содржела шест килограми експлозив.

Директорот на градската болница, Тарик Бурки, најпрво рекол дека четири од седум жртви биле деца, но потоа изјавил дека сите биле возрасни, додека меѓу ранетите имало и четири деца.

Нападот се случи по неколкумесечен релативен мир во Пакистан и особено во Пешавар, каде што нападите се случуваа секојдневно, но безбедноста значително се подобри.

Екстремистичкото насилство е значително намалено во Пакистан по неколку воени операции во племенските зони што се граничат со Авганистан. Но, постојат групи кои сè уште можат да извршат напади.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата