Во Чешка, во неделата, за прв пат во една недела, беа евидентирани помалку од 10.000 новоинфицирани со коронавирус, но и над 2.200 мртви.
Премиерот Андреј Бабиш ги моли Чесите да ги почитуваат мерките бидејќи статистиката е катастрофална и само чудо може да ја спаси земјата од натамошно затворање и заострување на мерките.
Во недела, тестовите, кои обично се помалку за време на викендите, открија 7.301 новоинфициран со коронавирус, што е скоро половина помалку од саботата, но сепак е рекорден број за недела.
Бројот на активни случаи во земјата со 10,7 милиони жители достигна 158.515 заразени, според новите податоци на чешкото Министерство за здравство.
Во болниците има 5.345 пациенти, од кои 800 се на интензивна нега или респиратори, а црната статистика за оваа недела е дополнета со 71 смрт досега, со што бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата на коронавирусот достигна 2.201. Тој е во драматичен пораст од 19 октомври, кога околу 100 пациенти со Ковид-19 умираа секој ден.
„Нашите бројки се катастрофални и мерките донесени од владата засега не функционираат. И претпоставувам дека треба да се случи чудо за да почнат да функционираат”, рече Бабиш во своето редовно неделно видеообраќање „Здраво луѓе” на „Фејсбук“.
Премиерот покажа фотографии од толпа луѓе на пазарите во Прага, кои не беа затворени, но многу луѓе се движеа по нив, повеќето со маски, но игнорирајќи ја мерката да се држат на растојание едни од други.
„Следната недела ќе биде клучна. Ако не се случи чудо, не ни преостанува ништо друго освен да ги засилиме мерките”, рече Бабиш, додавајќи дека поради зголемениот број на заразени лица постари од 65 години, владата ќе се состане повторно.
„Се надевам дека луѓето што тврдеа дека Ковид-19 не постои, ќе разберат дека ѓаволот ја однел шегата. Тие треба да гледаат на епидемијата како пролетоска кога правилата беа постојано почитувани“, рече Бабиш во видеопораката. Тој рече дека ниту една влада во светот не може да се справи со епидемијата ако не и помогнат самите граѓани.