Премиерот Зоран Заев на денешното отворање на новата фабрика за медицински канабис изјави дека со измените на Законот за опојни дроги ќе се отвори вратата за 250 милиони евра производство следната година.
„Задоволство ми е да се обратам и да упатам искрени честитки по повод отворањето на новиот производствен капацитет на НЈСК Холдинг, во индустриската зона Чојлија во општина Петровец. Оваа гринфилд инвестиција на првата македонска компанија од фармацевската индустрија која е лиценцирана за одгледување на канабис за медицински цели, изградена е по највисоки стандарди“, рече премиерот Зоран Заев.
Тој изјави дека Владата ќе се залага оваа индустриска гранка да се развива во согласност со европските и светските текови.
„Верувам дека Парламентот е подготвен за предложените законски измени за коишто имаше блокирање во минатиот период. Со измена на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции и развој, и нови работни места.
Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели“, изјави Заев.
Тој верува дека Македонија ќе изгради свој имиџ како исклучително поволна почва и клима за едно вакво производство кое се повеќе ќе биде застапено во здравствената и во фармацевтската индустрија.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека ова е едно поле кое има многу светла иднина, бидејќи според клиничките студии помага во многу состојби и дијагнози во сферата на неуронауката.
„Во наши услови отвара можност за нови работни места. Нашиот Закон за опојни дроги е веќе во собраниска процедура, ќе претпи измени со којшто дополнително ќе ги стимулираме и инвеститорите и младите луѓе да ја гледаат иднината во нашата земја. На овој начин се отвара место за висококвалификуван кадар“, рече Филипче.
Филипче изјави дека Полска била земјата која го понудила учеството за Македонија да стигне до вакцината за коронавирусот во периодот кој што следи.
Директорот на Фармакан интернационал и НЈСК Холдинг, Затко Кескоски, изјави дека компанијата ќе работи по највисоките европски и светски стандарди.
„Ова што денеска го отвораме е еден капацитет, во овој момент најголем во Европа за одгледување на медицински канабис по сите стандарди потребни за оваа индустрија. Во време на Ковид и во време на криза која што се случи во светот во овој период, нашата компанија најде сила да доинвестира и да ги вложи последните средства за изградба на овој капацитет. Нашата компанија во изминатите четири години, вклучувајќи го и овој капацитет, вложи 20 милиони евра во своите капацитети во оваа индустрија, за развој и за начин кој треба да не одведе во европските држави и секаде во светот со најквалитетен производ произведен во нашата држава“, изјави Кескоски.
На настанот присутен беше и полскиот амбасадор во Македонија, Војциех Тицињски.
Тој изјави дека најсилните врски меѓу нациите се економските, а потсети и дека од европските, полските туристи биле најбројните кои ја посетиле Македонија за време на корона-кризата.
Тој изјави дека оваа полска инвестиција во Македонија претставува нов бизнис сектор во Европа, кој технолошки е захтевен и сензитивен.