Утрински Весник
Свет

ЕУ ги договори мерките за патување во услови на епидемија

ЕУ ги договори мерките за патување во услови на епидемија

Членките на Европската унија постигнаа напредок во координирањето на заедничкиот пристап кон мерките за ограничување на патувањето во време на пандемија, а Европскиот совет денеска усвои препорака за координиран пристап кон ограничувањата на слободното движење, како превенција од ширењето на коронавирусот.

Сите мерки со кои се ограничува слободното движење поради заштита на јавното здравје мора да бидат пропорционални и недискриминирачки и мора да се укинат веднаш штом епидемиолошката состојба го дозволи тоа, се наведува во препораките.

Земјите-членки на неделно ниво треба да обезбедат достапни информации до Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), во однос на следниве критериуми:

– бројот на новопријавени случаи на 100.000 жители во последните 14 дена
– бројот на спроведени тестови во текот на изминатата недела на 100.000 жители (стапка на тестирање) и
– процентот на позитивни тестови спроведени во изминатата недела (стапка на позитивни тестови).

Врз основа на овие информации, ECDC треба да објавува неделни мапи на земјите-членки на ЕУ со поединечно означени региони со цел да им помогне на земјите членки при донесувањето на одлуки.

Областите треба да бидат означени со следниве бои:

– зелена ако стапката на пријавени случаи од 14 дена е помала од 25, а стапката на позитивни тестови е помала од 4%
– портокалова, ако стапката на пријавени случаи од 14 дена е помала од 50, но стапката на позитивни тестови е 4% или повеќе, или ако стапката на пријавени случаи за 14 дена се движи од 25 до 150, но стапката на позитивни тестови е помала од 4%
– црвена ако стапката на пријавени случаи од 14 дена е 50 или повеќе, а стапката на позитивни тестови е 4% или повеќе, или ако стапката на пријавени случаи за 14 дена е поголема од 150 и
– сива ако нема доволно информации или ако стапката на тестирање е 300 или помалку.

Земјите-членки не треба да го ограничуваат слободното движење на лицата кои патуваат од или до зелените области.

Доколку размислуваат за воведување ограничувања, земјите-членки треба да ги почитуваат разликите во епидемиолошката состојба помеѓу портокаловите и црвените области и да дејствуваат пропорционално. Тие исто така треба да ја земат предвид епидемиолошката состојба на територијата на нивната државна.

Земјите-членки, во принцип, не треба да одбиваат влез на лица кои патуваат од други земји-членки. Земјите-членки кои сметаат дека е потребно да се воведат ограничувања може да бараат од лицата кои патуваат од незелени подрачја да подлежат на:

– карантин
– тестирање по пристигнувањето

Земјите-членки исто така може да бараат од лицата кои влегуваат на нивната територија да достават обрасци за лоцирање на патници. Треба да се развие заеднички европски обрзец за лоцирање на патници, за можна заедничка употреба.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња