Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп утре, 9 октомври, со почеток од 12.30 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури од галериски формат насловена „Недефинирана кодификација“, од авторот Слободан Милошески.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 22 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ исто така доделена од ДЛУМ во 2014год.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.