Од партијата „Левица“ реагираат дека асистентите за деца со попреченост се целосно заборавени од владата и дека дел од нив најавуваат тужби против општините, кои не им ги продолжиле договорите за работа.
„ Деновиве, до нас реагираа неколку асистенти за деца со попреченост кои се револтирани од третманот на државните институции. Имено, овие асистенти (кои биле ангажирани преку проект на УНДП) добиле известување од општините во мај дека договорот им завршил во март! И покрај настанатата криза, поради специфичноста на самиот ангажман, асистентите сепак биле ангажирани со децата. Дел од асистентите не се откажуваат од своите права и најавуваат тужби против општините.
Иако владата на СДСМ декларативно се залага за зголемена инклузија на лицата со попреченост, сепак и оваа година асистентите кои ќе бидат ангажирани за работа во најголем дел ќе бидат исплатени преку средства на УНДП. Дополнително, месечниот надомест кој ќе го добијат ангажираните асистенти е под 9000 денари. Оттука јавно прашуваме: дали министерската Царовска би прифатила да работи за тој износ и дали истиот смета дека е правичен?
Иако Законот за основно образование за учениците со попреченост предвидува образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка – во пракса сето ова изостанува. Буџетски средства речиси и да не се издвојуваат за овие лица и нивниот ангажман зависи од ‘милосрдноста’ на разни фондации.
Во услови кога енормни државни средства се издвојуваат за рамковна администрација која не оди на работа, за луксузи на фунцкионерите и нивните патни трошоци – инклузивноста на лицата со попреченост останува на маргините и за старо-новата Влада“ велат од партијата.