Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска објави дека здравствените власти ќе ги разгледаат сите смртни случаи поврзани со коронавирусот, коментирајќи ги сомнежите за веродостојноста на податоците за бројот на починати пријавени за време на пандемијата.
„Србија ќе направи целосна ревизија за секој смртен случај, за секој човек, за да видиме како навистина изгледа ситуацијата. Клиничките работници ќе го сторат тоа“, рече Вучиќ за време на посетата на градилиштето на ковид-болница, близу Белград.
Претседателот ова го кажа како одговор на новинарско прашање за изјавата на епидемиологот Предраг Кон дека од март до јуни имало повеќе смртни случаи отколку што покажал системот.
„Државата не ги криеше податоците за бројот на смртни случаи“, изјави Вучиќ оценувајќи дека не верува оти по контролта ќе има многу големи разлики.
Епидемиологот Предраг Кон, член на кризниот штаб, претходно недела изјави дека штабот ги доставил сите информации што ги имал, дека ништо не е скриено и дека за разликата во бројот на смртни случаи од оние кои се официјално пријавените, одговорни се информатичарите кои внеле неточни податоци.
Според најновиот пресек од 30. септември во 15 часот, Србија официјално пријави 1.134.239 тестирани, 33.551 регистриран случај на Ковид-19 и 749 смртни случаи, со стапка на смртност од 2,23 проценти.